Сараево повторно под „сива“ прекривка - градот заробен во магла и смог
- Фотографиите и снимките на Агенција Анадолу го потврдуваат она што граѓаните го чувствуваат со денови - воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина повторно е сериозно загаден
САРАЕВО (AA) - Сараево денес повторно се разбуди под дебел слој смог, додека од околните планини - Требевиќ, Игман и Бјелашница - јасно се гледа како градот е заробен во магла и загадување, известува Анадолу.
Фотографиите и снимките на Агенција Анадолу уште еднаш го потврдуваат она што граѓаните го чувствуваат со денови - дека воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина повторно е сериозно загаден.
На веб-страницата на здружението „Еко акција“, кое го следи квалитетот на воздухот во босанските градови, воздухот во Сараево денес наутро беше означен како „нездрав“ со индекс на загадување од 152.
Од видиковците на околните планини, сликата е сосема поинаква. Над Сараево, на поголеми надморски височини, небото е чисто и сончево. Долу, градот е покриен со дебел слој магла и смог.
Оваа слика најдобро го илустрира долгогодишниот проблем на градот - комбинација од неговата географска локација, интензивна употреба на цврсти горива за греење, стар возен парк и недостаток на системски решенија.
Според мерењата од станиците за контрола на квалитетот на воздухот, деновиве концентрациите на штетни честички ПМ2,5 и ПМ10 во некои делови од градот ги надминуваат дозволените вредности, што Сараево го става меѓу најзагадените градови во регионот.
Денес Сараево повторно се најде меѓу 11-те градови со најзагаден воздух во светот, според податоците што ги објави порталот „IQAir“.
