Балкан

Приштина: Државниот врв и опозицијата против одржувањето на српскиот референдум во Косово

„Институциите јасно ставија до знаење дека отворањето на српските гласачки места во Косово е јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики...“

Zylfije Adem Jakupi  | 14.01.2022 - Обновена : 17.01.2022
Приштина: Државниот врв и опозицијата против одржувањето на српскиот референдум во Косово

ПРИШТИНА (АА) - Државниот врв на Косово, на состанокот со амбасадорите на групата Квинта и претставникот на Европската Унија (ЕУ) во врска со референдумот во Србија на територијата на Косово, изнесе усогласен и заеднички став дека отворањето на српските гласачки места во Косово е јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики, јавува Агенција Анадолија (АА).

По состанокот, косовскиот премиер Албин Курти изјави дека за утре во 14 часот ќе побара одржување вонредна седница на Собранието на Косово во врска со барањето косовските Срби да гласаат на референдумот за уставните измени на Србија, закажан за в недела, 16 јануари.

Претходно во текот на денот, амбасадорите на земјите од Квинтата и Европската Унија објавија заедничко соопштение во кое ја повикаа косовската Влада да им дозволи на косовските Срби да гласаат на референдумот на Србија.

Во заедничкото соопштение на косовските институции, Претседателството, Собранието и Владата, по состанокот со амбасадорите од Квинтата и претставникот на ЕУ, се повторува дека косовските Срби со двојно државјанство ќе имаат право да гласаат во согласност со меѓународните стандарди и практики, односно преку пошта и во Канцеларијата за врски на Белград во Приштина.

„Институциите јасно ставија до знаење дека отворањето на српските гласачки места во Косово е јасно кршење на Уставот и законите на Косово, како и на меѓународните практики. Дополнително, таквиот чин претставува повреда на територијалниот интегритет од страна на Србија во однос на независната и суверена држава Косово. Институциите ја повикаа меѓународната заедница во однос на Косово да ги примени истите стандарди како и за секоја друга земја“, се вели во соопштението.

Се додава дека Уставот на Косово, важечките закони на Косово, како и меѓународното право и меѓународната практика, не го признаваат правото на една држава да одржи референдум на суверена територија на друга држава, како и дека досегашната практика на применување од 2012 година била неуставна.

Косовските институции истакнаа дека тука не е во прашање улогата на ОБСЕ, туку улогата на Србија и нејзините паралелни и нелегални структури во Косово, бидејќи пред ОБСЕ да собере гласови, би бил одржан потполно незаконски процес на отворање на гласачките места и гласачките кутии на територијата на Република Косово за референдум на друга држава, односно Србија, а тој процес би го организирала Србија.

„Според писмото испратено од српските власти до ОБСЕ, причината поради која Србија инсистира да се отворат гласачките места во Косово е затоа што Косово го смета за дел од својата територија. Затоа сака да го искористи референдумот како средство за проширување на својот суверенитет над Косово. Затоа, ставот на косовските институции нема врска со ОБСЕ, туку со противењето на оваа постојана тенденција на Србија, која докажува јасни територијални претензии кон Косово“, се вели во соопштението.

На крајот се наведува дека институциите на Косово остануваат благодарни на државите од Квинтата и на сите други демократски држави кои ја признаа независноста на Косово, а изразена е благодарност што на денешната средба повторно е потврдена поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Косово.

„Како такви, косовските институции ги повикуваат сите демократски држави да го поддржат Косово во неговите напори да ги запре тековните акции на Србија кои го поткопуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и државноста на Косово. Оваа практика на Србија, која го следи рускиот модел, има целосна поддршка од Руската Федерација, со што на тој начин ги докажува нејзините тенденции за брза дестабилизација на нашиот регион и ги поништува успесите што Косово и регионот ги постигнаа во партнерство со пријателските демократски земји“, се заклучува во соопштението.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.