Претседателот Пендаровски за бегството на Мијалков: „Вакви случувања се неприфатливи"
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава", се вели во соопштението

СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во врска со бегството на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков ги повика сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за негов притвор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, стои во соопшението од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Претседателот, според соопштението очекува надлежните институции во најкус можен рок да спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции да биде преземена одговорност.
„Граѓаните бараат одговорност и кривична и морална. Борбата за правна држава значи секој кој се огрешил пред законот да биде казнет“, порачува претседателот Пендаровски во писменото соопштение.
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ги коментираше тврдењата за бегство на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УКБ), Сашо Мијалков, при што истакна дека се случило уште едно бегство“.
Премиерот Заев даде изјава за медиумите по одржаното судско рочиште за случајот „Титаник“. Прашан од новинарите да ја прокоментира ситуацијата во врска со тврдењата за бегство на Мијалков, Заев рече дека народот бара и очекува правда.
„Се случи уште едно бегство. Секако, јавноста е информирана дека синоќа судот донел мерка за изречување притвор на Сашо Мијалков, којшто се очекува да биде осуден во пресуда согласно предметот „Таргет-Тврдина“ до крајот на оваа недела.“, рече Заев и додаде дека очекува детални информации од надлежните институции од извршната власт, односно од Министерството за внатрешни работи.
Од вчера е започната потрага по поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“. Пресудата треба да биде изречена до крајот на оваа недела.
За пронаоѓање на Мијалов, распишана е национална потерница. Според наводите во медиумите, од МВР ќе бараат распишување и на меѓународна потерница.
Мијалков е првообвинет меѓу 12-те лица обвинети во предметот „Таргет-Тврдина“.
Во предметот се обвинети и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.
Како што стои во обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.