Премиерот на Косово со реакција за военото демонстрирање на српската војска покрај границата со Косово
Премиерот Курти реагираше на „неоправданото воено демонстрирање“ на Србија со хеликоптери и падобранци во областите населени со Албанци во Општина Бујановац, покрај границата со Косово
ПРИШТИНА (AA) - Премиерот на Косово, Албин Курти, реагираше на „неоправданото воено демонстрирање“ на Србија со хеликоптери и падобранци во областите населени со Албанци во Општина Бујановац, покрај границата со Косово, јавува Анадолу.
Курти, на состанокот на Владата на Косово, рече дека такво прикажување на воената сила над куќи, училишта и здравствени центри не претставува само притисок, создавање напнатост и обид да се заплашат жителите таму, туку и отворена провокација против независната држава, Република Косово.
„Овие провокации во близина на граничниот појас во Карачево од единицата на 63. падобранска бригада на Србија, преку вежби со хеликоптери H145M и со падобрани неколку метри од границата со Република Косово, претставуваат опасно демонстрирање на агресија“, рече Курти.
Тој додаде дека ова демонстрирање станува уште поопасно кога се има предвид дека таа единица ја обучувала и поддржувала криминалната група на Милан Радојчиќ, која го организираше нападот во Бањска, каде што беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку.
„Овие воени движења, комбинирани со провокативната реторика на претседателот (Александар) Вучиќ дека наводно Србија се подготвува за можен напад од алијансата Хрватска-Албанија-Косово, како и купувањето кинеско и руско оружје, потврдуваат дека Србија ја користи армијата како средство за уценување за да го држи Балканот во постојана напнатост“, рече Курти.
Тој истакна дека овие дејства на Србија ја покажуваат и нејзината немоќ бидејќи во Косово веќе нема нелегални структури што би можеле да ја загрозат државата, па сега „се вртат“ околу границата со Косово обидувајќи се да ја демонстрираат својата сила.
Курти додаде дека ова е последно време светот да ги осуди таквите дејства на Србија и да преземе конкретни мерки за заштита на правата и слободите на Албанците во Прешево, Медвеѓа и Бујановац.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
