политика, Балкан

Премиерот Заев се состана со грчкиот премиер Мицотакис

„Премиерот Заев на средбата со Мицотакис нагласи дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО"

Admir Fazlagic   | 16.09.2020
Премиерот Заев се состана со грчкиот премиер Мицотакис ( Фото: Прес-служба на Владата на РСМ )

СКОПЈЕ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска имаше работна средба со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, која двајцата соговорници ја оценија како значаен и дополнителен придонес за унапредување на односите меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, на средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, беше истакнато дека со Договорот од Преспа, Република Северна Македонија и Грција создадоа модел за успешно решавање на отворените прашања меѓу соседите

„Премиерот Заев на средбата со Мицотакис нагласи дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО, и дека Грција останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во претстојниот процес на преговори со Европската Унија која треба да започне со првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија со Советот на ЕУ", се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Се додава дека двајцата премиери на средбата разговараа и за идната соработка и спроведување на одредбите од Акциониот план од Договорот од Преспа, меѓу кои приоритет има континуитетот на работата на заедничките комитети на експерти за историските, образовните и археолошките прашања, како и работата на Комитетот за бизнис дијалог за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови и за дополнително поттикнување на политиките што треба да ги олеснат бизнис релациите.

Во таа насока на средбата се разговараше за создавање услови за поголема економска соработка и за интензивирање на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји за што постои финален договор кој наскоро треба да биде потпишан.

„Премиерите Заев и Мицотакис разговараа и за справувањето со пандемијата со Ковид-19 и се согласија дека солидарностa и соработката на ЕУ со Западен Балкан во таа насока треба да продолжи и да се надгради со вклучување на регионот во политиките на ЕУ за економско закрепнување на земјите од Европа", информираат од Владата на Северна Македонија.

Претходно денеска, премиеро Заев во рамките на дводневната работна посета на Грција, оствари средба со претседателката на Република Грција Катерина Сакеларопулу, а учествуваше и на панел дискусијата во Атина, организирана како тркалезна маса со Владата на Грција и учесници од регионот на тема „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот (Ковид-19).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın