Балкан

Неуспешен и 39-ти обид за конституирање на косовското собрание

- Констутивната седница на косовското собрание денес беше прекината по 39-ти пат, бидејќи немаше доволно гласови од пратениците за предлогот на Движењето Самоопределување со тајно гласање да се гласа за Албулена Хаџиу.

Oktaj Omeragikj  | 29.06.2025 - Обновена : 29.06.2025
Неуспешен и 39-ти обид за конституирање на косовското собрание

СКОПЈЕ (АА) - Денес со неуспех заврши и 39-ти обид за конституирање на косовското собрание, известува Анадолу.

Пред два дена, пратениците дури и не пристапија на изјаснувањето за избор на Комисијата за тајно гласање, бидејќи претседавачот на седницата, Авни Дехари, во консултација со претставниците на партиите, ја прекина седницата за да се одржи состанок на политичките партии, кој го свика лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, по одлуката што ја донесе Уставниот суд на Косово.

Во четврток Уставниот суд на Косово објави дека конститутивната седница на Собранието мора да заврши со избор на претседател и потпретседател, во рок од 30 дена.

Состанок што го свика Курти се одржа вчера, но судејќи според изјавите, партиите не ги приближиле своите ставови.

Од 15 април, веќе два и пол месеци, нема договор во парламентот за избор на претседател на Собранието на Косово. Опозицијата не ја сака кандидатката на Самоопределување, Албулена Хаџиу, на таа позиција, а од друга страна, нејзината партија не се откажува од неа.

По неколку неуспешни обиди за избор на Хаџиу, Движењето Самоопределување предложи тајно гласање, но опозицијата се противи и на тоа.

Од потребните 61 глас, кандидатката на Самоопределување, Хаџиу за претседателка на Собранието на Косово, досега нема добиено повеќе од 57 гласови, од кои 48 се од Самоопределување и 9 од пратениците од заедниците.

Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.

На 15 мај, лидерите на четирите парламентарни политички партии одржаа консултативен состанок со претседателката Вјоса Османи, со цел што побрзо деблокирање и формирање на новите институции по изборите на 9 февруари годинава.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.