Agim Sulaj
17 Јуни 2025•Ажурирај: 18 Јуни 2025
ПРИШТИНА (АА) - По 33. пат не успеа конституирањето на деветтиот состав на Собранието на Косово поради недоволен број гласови за предлогот за тајно гласање за претседател на овој законодавен дом, јавува Анадолу.
Претседавачот со Собранието, Авни Дехари, на 1 мај предложи формирање ад-хок комисија за тајно гласање за претседател на Собранието, но сите парламентарни групи, освен Движењето Самоопределување, не го поддржаа нејзиното создавање, со тоа што не предложија свој член (пратеник) за оваа комисија.
Од 91 пратеник присутни во салата, само 51 беше „за“ формирање на оваа комисија, еден против, а воздржани немаше.
Дехари ја закажа наредната седница за 19 јуни во 10 часот.
Втората по големина партија во Собранието, Демократска партија на Косово (ПДК), континуирано бара Движењето Самоопределување да го смени својот кандидат за претседател на Собранието, но, од досегашните изјави за медиумите, вршителот на должноста премиер и лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, изјави дека нема збор за промена на кандидатката Албулена Хаџиу, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на конституирањето на Собранието.
Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето Самоопределување, Албулена Хаџиу, досега не доби повеќе од 57 гласа, од кои 48 од Движењето Самоопределување и девет од пратениците од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.
На 15 мај лидерите на четирите албански парламентарни политички партии започнаа консултативни состаноци со претседателката Вјоса Османи, со цел што побрзо деблокирање и формирање на новите институции по изборите на 9 февруари 2025 година. Вакви состаноци беа најавени од претседателката Османи и за следните недели, но не се одржаа.
На почетокот на јуни, за време на консултациите на претседателката Османи со претставниците на политичките партии, беше договорено редовните локални избори да се одржат во октомври оваа година. Движењето Самоопределување ја спомена и можноста за одржување вонредни општи избори заедно со овие избори.