На 11 јануари повторени избори во 4 општини во Северна Македонија
„Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет“
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, денес го потпиша актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше, како и Центар Жупа, пренесува Анадолу.
Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство, се наведува во писмената изјава на Гаши по повод потпишувањето на актот.
Се истакнува дека со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури.
„Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“, нагласува Гаши во изјавата и додава:
„Ги повикувам сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.“
Тој упати апел до граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да излезат на гласање.
„Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет“, се истакнува понатаму.
Се додава дека Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
