Балкан

Маричиќ: „Судовите се помалку изрекуваат заводски воспитни мерки за децата во судир со законот"

„Статистичките податоци говорат дека во 2018 година се забележува значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, односно тие биле изречени спрема вкупно 12 деца", информираше министерот Маричиќ.

Admir Fazlagic   | 20.01.2021
Маричиќ: „Судовите се помалку изрекуваат заводски воспитни мерки за децата во судир со законот" ( Фото: Министерство за правда на РСМ )

СКОПЈЕ

Во Скопје се одржа панел дискусија на која учествуваа претставници на Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на Делегацијата на Европската унија (ЕУ) и УНИЦЕФ, со која беше означено започнувањето на програмските активности во рамките на проектот „Прав(да) за деца – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата", јавува Агенција Анадолија (АА).

Проектните активности предвидуваат реформи во законодавството, јакнење на механизмите за собирање податоци и за мониторинг, воведување услуги и нивно развивање и подобрување на пристапот до правдата. Проектот е финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ. Вкупната поддршка за две години од овој проект изнесува 625 илјади евра од кои 500 илјади се донација на ЕУ.

Министерот за правда на Република Северна Македонија Бојан Маричиќ како говорник на дискусијата истакна дека нивната цел како претставници на институциите е да им подат рака на оние деца кои се во судир на законот.

„Од досегашната примена на законот (Закон за правда за деца), министерот за правда истакна дека можеме да заклучиме дека во најголем број случаи, субјектите во системот на правда за децата применуваат мерки, односно санкции кои не вклучуваат лишување од слобода на децата што кореспондира со Законот за правда за деца и меѓународните стандарди", рече Маричиќ.

Според него, добра вест е и тоа што „изминатите години забележан е тренд на значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, што е за поздравување и што покажува дека системот функционира во интерес на детето и дека не се применуваат најрестриктивните мерки."

„Статистичките податоци говорат дека во 2018 година се забележува значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, односно тие биле изречени спрема вкупно 12 деца, за разлика од 2017 година кога заводски мерки упатување во воспитна установа или во воспитно-поправен дом биле изречени спрема 53 деца", информираше Маричиќ.

Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во излагањето на панел дискусијата истакна дека Владата прави сериозни заложби за заштита на правата на децата во правосудниот систем, вклучувајќи го и потпишувањето на формалната Заложба за пристапување кон глобалното партнерство за ставање крај за насилството врз децата.

Министерка за труд и социјална политика на Република Северна Македонија Јагода Шахпаска во својот говор на дискусијата рече дека се грижат за секое дете кое што доаѓа во контакт со правосудниот систем било како чинител, жртва или сведок, да добие силна и континуирана поддршка за надминување на проблемите.

Амбасадорот на ЕУ во Скопје Дејвид Гир и претставничката на УНИЦЕФ во Скопје Патриција Ди Џовани, го искажаа своето задоволство од фактот што во партнерство со Влада имаат можност да работат на како што рекоа, овој важен проект за децата и општеството во Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.