Балкан

Лајчак во Приштина: „Дијалогот на Косово и Србија мора да продолжи“

„Заклучокот од овие два состанока е дека дијалогот мора да продолжи. Потребно е да се воспостават интерни процедури, но постои јасно разбирање за продолжување на дијалогот“, нагласи Лајчак.

Zylfije Adem Jakupi   | 02.03.2021
Лајчак во Приштина: „Дијалогот на Косово и Србија мора да продолжи“ ( Foto: Erkin Keci - Anadolu Agency )

ПРИШТИНА 

Дијалогот на Косово и Србија мора да продолжи, е заклучокот од состанокот што специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, утрово го имаше со вршителката на должноста претседателка на Косово, Вјоса Османи, и синоќа со идниот премиер и лидер на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, јавува Агенција Анадолија (АА).

Лајчак на заедничката прес-конференција со Османи истакна дека и со неа и со Курти е разговарано за наредните чекори во дијалогот со Србија, што се води во Брисел, и рече дека заклучокот е оти дијалогот ќе биде продолжен.

Лајчак рече дека државите членки на ЕУ и САД се радуваат за продолжувањето на процесот на дијалогот, „дијалогот кој се занимава со прашања важни за секој граѓанин на Косово“.

„Заклучокот од овие два состанока е дека дијалогот мора да продолжи. Потребно е да се воспостават интерни процедури, но постои јасно разбирање за продолжување на дијалогот. И, мојата последна порака е за политичкото единство на Косово. Дијалогот не е одговорност на една политичка партија или само на Владата, туку е одговорност на сите политички партии“, нагласи Лајчак.

Лајчак рече дека сега Косово е поинакво, по изборите на кои Албин Курти доби силен мандат. Тој му честиташе на косовскиот народ за регуларниот изборен процес што по прв пат е одржан без активна улога на меѓународните организации. Тој порача дека ЕУ е спремна да ја поддржи програмата на Курти и Османи, како што е создавање нови работни места, привлекување нови инвестиции и борба против корупцијата.

Лајчак рече дека ЕУ и САД се во партнерство и дека со доаѓањето на администрацијата на претседателот Џо Бајден соработката е многу потесна со заедничка цел, а тоа е европската иднина на Косово и регионот.

Лајчак ќе ги продолжи состаноците со останатите политички партии, на кои, како што рече, ќе им ги пренесе истите пораки.

Исто така, рече дека Косово и Србија треба да одлучат колку бргу сакаат да го продолжат дијалогот, со кое темпо ќе оди дијалогот, но наведе дека не очекува дијалогот да потрае три или пет години ако има политичка волја. Истакна дека е со уверување оти конечниот договор може да се заклучи во текот на мандатот на Курти и Османи и дека не гледа пречки.

Вјоса Османи порача дека очекува Косово и Србија да бидат две рамноправни страни во дијалогот, дека за статусот на Косово нема што да се дискутира и дека процесот на дијалогот треба да заврши со признавањето од страна на Србија.

„Отвораме ново поглавје во кое мораме да обезбедиме целосно почитување на мандатот што ни го дава Собранието на Косово, што подразбира почитување на црвените линии кои ќе ги воспостави новиот косовски Парламент, кои не дозволуваат преговарање за косовските граници, значи нема да дозволиме територијалниот интегритет на нашата Република да биде дел од дијалогот или нашето уставно уредување и суверенитетот да бидат дел од овој процес“, рече Османи.

Според нејзините зборови, Косово направило толку отстапки поради што е доведено на работ на функционалноста. Додаде дека сега не е прашање што ќе даде Косово, и дека се очекува и Косово и Србија од ЕУ конечно да добијат зачленување во Унијата. „Косово и Србија со двостраното признавање истовремено да влезат во ЕУ“, рече Османи.

Истакна дека се очекува поголема улога и подобра координација на САД и ЕУ, а додаде дека многу е важно во овој процес косовската власт одблизу да соработува со опозицијата.

Османи нагласи дека Србија не се извинила за злосторствата што ги направила, но Косово учествувало во дијалогот. Порача дека само кога има правда може да има и стабилен мир во регионот.

Лајчак со посетата на Косово ја започна турнејата по земјите од регионот, во текот на која ќе ги посети уште Србија и Црна Гора.

Како што е соопштено од Канцеларијата на ЕУ во Косово, Лајчак планира да се состане со политичките лидери на сите три партнери од Западен Балкан, како и со претставниците на ЕУ на теренот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.