Балкан

Косовскиот премиер Харадинај: „Одлучно кон консолидација на државата и стабилноста“

Говорејќи за почетокот на втората деценија од независноста на Косово, премиерот Харадинај рече дека Косово денес е уште поодлучно да тргне по патот на консолидација на државата и стабилноста, и дека сака да го заврши дијалогот со Србија...

Zülfiya Yakup  | 17.02.2019 - Обновена : 17.02.2019
Косовскиот премиер Харадинај: „Одлучно кон консолидација на државата и стабилноста“ Фото: Влада на Косово

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - Со свечена седница на Владата на Косово започнаа бројни активности за одбележување на 11. годишнина од независноста на Косово, пренесува Anadolu Agency (AA).

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на седницата на Владата изјави „Независноста живее во нас и со нас.“ 

„На овој ден ја изразуваме нашата благодарност до паднатите за слобода, до пријателите и до сите оние кои го помогнаа патувањето на Косово кон остварувањето на стремежот за слобода и независност“, рече Харадинај.

Тој нагласи дека Косово со најголема заинтересираност се соочило со сите прашања што се појавиле, почитувајќи ги интересите на граѓаните на земјата.

„Постојат многу одлуки, многу закони, реформи, големи одлуки како што е војската, одлуки поврзани со Трепча и со други економски ресурси“, рече косовскиот премиер во своето обраќање пред кабинетот, соопштено е од Владата на Косово.

Говорејќи за почетокот на втората деценија од независноста на Косово, премиерот Харадинај додава дека Косово денес е уште поодлучно да тргне по патот на консолидација на државата и стабилноста, и дека сака да го заврши дијалогот со Србија со меѓусебно признавање, како и да го продолжи процесот за приклучување кон НАТО и Европската Унија.

„За време на нашето патување се соочувавме со предизвици, имаме предизвици и ќе ги имаме и во иднина, но верувам дека Косово го нема луксузот да се враќа наназад, туку само да се движи напред, и ние тоа ќе го бараме и ќе им објасниме на нашите пријатели дека чекорите наназад го ослабуваат Косово, ја слабеат довербата на граѓаните во нивната земја“, рече Харадинај.

На крајот од својот говор премиерот Харадинај на сите граѓани на земјата им ја честита 11. годишнина од прогласувањето на независноста, а честитки испрати и до сите пријатели и сојузници на Косово, предводени од САД.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.