Балкан

Косово: ЦИК ги објави конечните резултати, коалицијата ПАН e победник на изборите

- Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово ги објави конечните резултати од парламентарните избори што се одржаа на 11 јуни 2017 година, односно дека коалицијата ПАН е победник на изборите со освоени 33,74 отсто од гласовите

Figen Shaban  | 29.06.2017 - Обновена : 30.06.2017
Косово: ЦИК ги објави конечните резултати, коалицијата ПАН e победник на изборите

Kosova

ПРИШТИНА (АА) – Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово ги објави конечните резултати од парламентарните избори што се одржаа на 11 јуни 2017 година, односно дека коалицијата ПАН е победник на изборите со освоени 33,74 отсто од гласовите, а на второто место е Движењето „Самоопределување“, со освоени 27,49 отсто од гласовите. Трета е коалицијата составена од партиите Демократска лига за Косово (ЛДК), Новата косовска алијанса (АКР) и партијата Алтернатива, со освоени 25,53 отсто од гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).

По пребројувањето на гласовите, претседателката на ЦИК, Валдете Дака, на прес-конференција ги објави податоците за излезноста на изборите, како и резултатите на политичките субјекти.

Дака ги објави конечните резултати во Центарот за пребројување, при што рече: „Коалицијата ПАН освои вкупно 245.646 гласа, односно 33,74 отсто, Движењето „Самоопределување“ 200.138 гласа, односно 27,49 отсто, а коалицијата составена од партиите ЛДК-АКР-Алтернатива 185.892 гласа, односно 25,53 отсто од гласовите“.

Во меѓувреме, во врска со поделбата на мандатите во Собранието според политичките субјекти, коалицијата ПАН има 39 пратеници, Движењето „Самоопределување“ 32, а коалицијата ЛДК-АКР-Алтернатива има 29 пратеници.

Кандидатот кој освои најмногу гласови е кандидатот за премиер на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, со 143.642 гласа, кандидатот за премиер на коалицијата ПАН, Рамуш Харадинај освои вкупно 101.994 гласа, додека кандидатот за премиер на коалицијата ЛДК-АКР-Алтернатива, Авудлах Хоти освои 115.658 гласа.

Во врска со статистиката на парламентарните избори во Косово, Дака истакна дека бројот на регистрирани гласачи е 1.888.059, додека бројот на гласачите што излегле да гласаат е 747.229. Таа додаде дека бројот на гласачите кои гласале надвор од гласачките места и преку пошта е 32.705, додека излезноста, како што соопшти таа, изнесуваше 41,30 отсто.

Исто така, од малцинските заедници, српската партија „Српска листа“ освои 9 пратенички места, Српската либерална партија (СЛС) освои едно пратеничко место, а Демократската партија на Турците во Косово (КДТП) освои две пратенички места, каде што претседателот на оваа партија, а воедно и министер за јавна администрација во заминување, Махир Јагџилар, како и поранешната пратеничка Муфера Шиник освоија по едно пратеничко место во наредниот мандат.

Дака нагласи дека почнувајќи од денешниот датум, тече 24-часовниот рок за политичките субјекти и кандидати да поднесат жалба до Изборниот панел за жалби и претставки (ПЗАП).

Инаку, одржувањето на предвремените парламентарни избори на 11 јуни е резултат од гласањето на иницијативата за недоверба на Владата, каде што со 78 гласа ЗА, 34 против, како и 3 воздржани, падна владата формирана од страна на коалицијата составена од партиите ПДК-ЛДК и Српската листа. Нератификувањето на договорот за демаркација на границата со Црна Гора, услов за либерализација на визите за косовските граѓани, се смета за една од главните причини за распаѓање на владејачката коалиција.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.