Балкан

Неуспешен денешниот обид за конституирање на Парламентот, седницата ќе продолжи утре

- Претседателот на седницата, Авни Дехари, го прекина денешниот дел од седницата, по уште едно неуспешно гласање за избор на Комисијата за тајно гласање, и го закажа продолжението за утре во 14 часот.

Oktaj Omeragikj  | 25.07.2025 - Обновена : 26.07.2025
Неуспешен денешниот обид за конституирање на Парламентот, седницата ќе продолжи утре

СКОПЈЕ (АА) - Неуспешно беше и 52-то продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание, известува Анадолу.

Седницата започна со задоцнување од околу 20 минути, а по констатираното дека во салата се присутни 107 пратеници, претседавачот со седницата, Авни Дехари, соопшти дека има кворум за работа.

Како и секој пат досега, од почетокот на мај, Дехари рече дека претставниците на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Демократската партија на Косово (ДПК) и Алијансата за иднината на Косово (АИК) и Српската листа не предложиле свои кандидати за составот на Комисијата за тајно гласање и ги повика да го сторат тоа.

Тројца пратеници од опозицијата се јавија еден по друг, но откако го повикаа Дехари да го почитува Уставот и да се врати на дневниот ред на седницата, нивните микрофони беа исклучени.

Прво, пратеничката на ДПК, Влора Читаку, од говорницата го повика Дехари да се врати на дневниот ред.

„Вчера видовме уште една одлука на Уставниот суд. Остануваат помалку од 48 часа за да му се даде решение на Косово. Нашиот предлог е јасен, вратете се на дневниот ред, не кршете го Уставот“, рече Читаку.

Истото барање го имаше и пратеничката на ДСК, Хикмете Бајрами.

„Бараме, ова не е предлог, вратете се на дневниот ред. Дајте ни можност да гласаме...“, рече Бајрами, чиј микрофон потоа беше исклучен.

И пратеничката на Алијансата за иднината на Косово, Тиме Кадријај, исто така, го критикуваше претседателот на Собранието за кршењето на Уставот.

„Треба да го конституираме Парламентот според одлуката на Уставниот суд. Вие го кршите Уставот и одлуките на Уставниот суд“, додаде Кадријај.

Откако нејзиниот краток говор беше прекинат со исклучување на микрофонот, Дехари ги повика пратениците да го искажат своето мислење за изборот на Комисијата за тајно гласање за избор на претседател на Собранието.

Бидејќи само 54 пратеници гласаа „за“, а немаше пратеници кои гласаа против или беа воздржани, Дехари заклучи дека Комисијата ниту овој пат не е избрана.

Потоа рече дека вчера биле информирани за новата одлука на Уставниот суд, и го прекина денешниот дел од седницата, закажувајќи го продолжението за утре во 14 часот.

„Вчера бевме информирани за одлуката на Уставниот суд за привремена мерка, која стапува на сила в недела, 27 јули, и ќе важи до 8 август. Бидејќи оваа одлука стапува на сила в недела, а рокот од 30 дена за конституирање на седницата истекува утре, како претседател, ја закажувам следната седница за утре, во 14 часот“, рече Дехари.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.