Конститутивната седница на косовското Собрание повторно одложена, без успех во избор на претседател
Од 118 присутни пратеници во салата, кандидатката за претседател, Хаџиу, повторно доби 57 гласа „за“, 47 „против“ и три „воздржани“

ПРИШТИНА (АА) - Конститутивната седница на деветтиот законодавен дом на Собранието на Косово е прекината поради недостиг на гласови за избор на претседател на Собранието на Косово, јавува Анадолу.
Претседавачот со седницата, Авни Дехари, на почетокот на седницата рече дека не е негово да го наметне гласањето, но порача дека би било добро да се деблокира ситуацијата бидејќи граѓаните чекаат воспоставување на косовските институции.
Тој го покани пратеникот на Движењето Самоопределување, Глаук Коњуфца, да го предложи за гласање кандидатот за претседател на Собранието, а Коњуфца повторно ја предложи пратеничката Албулена Хаџиу.
Од 118 присутни пратеници во салата Хаџиу повторно доби 57 гласа „за“, 47 „против“ и три „воздржани“.
„Врз основа на ова, кандидатот не е изгласан и принудени сме да ја прекинеме седницата. Се гледаме повторно на 27 април, во 10:00 часот“, нагласи Дехари.
По овој обид лидерот на втората по големина партија, Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, изјави дека оваа ситуација е бесмислена и дека е срамно што „поради еден човек, еден кандидат, еден пратеник, државата останува заложник“.
Тој истакна дека постои решение, а тоа е да се смени кандидатот бидејќи не може да се наметне кандидат кога нема мнозинство гласови.
Пратеникот на Самоопределување, Хекуран Мурати, изјави дека е потребен политички консензус за конституирање на Собранието, а компромис е да се гласа за кандидатката Албулена Хаџиу за претседателка на Собранието бидејќи во спротивно Самоопределување ќе постави услови и за имињата на заменици-претседатели на Собранието што се од други партии.
Инаку, конститутивната седница започна на 15 април, но беше прекината неколкупати поради несогласувања околу верификацијата на мандатите и барањата на опозицијата за оставки на министрите. Дури на 19 април беа верификувани мандатите на пратениците и беа положени заклетви.
Предлогот на Самоопределување претседателка на Парламентот да биде Хаџиу веќе беше ставен на гласање четирипати и во сите случаи не е изгласан.
Од потребните минимум 61 глас, Хаџиу доби 57 гласа за претседателка на косовското Собрание, од кои 48 се од движењето Самоопределување и девет од пратениците од заедниците.
Собранието има рок од 30 дена од верификацијата на мандатите да избере претседател, во спротивно се распишуваат нови избори.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.