Во Србија од Кина пристигна нов контингент од 500.000 дози од вакцината на Синофарм
Србија располага со нешто помалку од милион вакцини од други производители, а со утрешната испорака на 106.000 дози од Фајзер/БајоНтек, вкупниот број на вакцини што државата ги има набавено ќе надмине 3,5 милиони

БЕЛГРАД (АА) - Во Србија денес од Кина пристигна нов контингент од 500.000 дози вакцини против коронавирусот на Синофарм, а ги пречека претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, која наведе дека досега од Кина во Србија се испорачани 2,5 милиони дози вакцини, јавува Агенција Анадолија (АА).
На аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, Брнабиќ наведе дека Србија во моментов располага со нешто помалку од милион вакцини од други производители и дека утре, со испорака на околу 106.000 дози од вакцината на Фајзер/БајоНтек, вкупниот број на вакцини што државата ги има набавено ќе надмине 3,5 милиони.
Според Брнабиќ, околу 26 отсто од полнолетното население во Србија примило барем една доза од вакцината, а околу 20 отсто од граѓаните се ревакцинирани.
„Целта е до крајот на април да имаме околу 40 отсто граѓани вакцинирани со првата доза“, додаде таа.
Како што покажаа утринските податоци, вакцинирани се над 51 отсто од граѓаните на возраст меѓу 65 и 74 години, додека во категоријата над 75 години се вакцинирани 42 отсто од населението, најави претседателката на Владата.
Брнабиќ рече дека во моментот не се разгледува давањето трета доза од вакцината на Синофарм.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.