образование, Балкан

Во Северна Македонија започна новата учебна година во услови на пандемијата на Ковид-19

Премиерот Заев во своето обраќање пред учениците од прво одделение истакна дека оваа учебна година поради Ковид-19 не е како минатите и дека сите треба да се солидарни и да се почитуваат мерките

Husamedin Gina  | 01.10.2020 - Обновена : 02.10.2020
Во Северна Македонија започна новата учебна година во услови на пандемијата на Ковид-19 ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ 

Во услови на пандемија предизвикана од појавата и ширењето на коронавирусот (Ковид-19), денеска официјално започна новата учебна година во Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во најголем дел од училиштата, со физичко присуство настава следат учениците до трето одделение, а во повисоките одделенија ќе учат онлајн, односно од далечина.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за образование и наука, Мила Царовска, придружени од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, денеска, по повод првиот училиштен ден во оваа учебна година, го посетија Основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Скопје.

Премиерот Заев во своето обраќање пред учениците од прво одделение истакна дека оваа учебна година поради Ковид-19 не е како минатите и дека сите треба да се солидарни и да се почитуваат мерките.

„Ако сите се придржуваме до мерките, полесно ќе ја поминеме оваа училишна година и на тој начин ќе се погрижиме таа да биде единствена и последна ваква година. Вие, децата, сите сте многу паметни и љубопитни. Тоа е многу добро. И секогаш да си бидете љубопитни. Јас сум убеден дека токму поради вашата љубопитност вие сите веќе знаете зошто ќе треба да носите маски, да се дружите малку пооддалечено едно од друго и редовно и почесто да ги миете рачињата“, нагласи премиерот Заев.

Свое обраќање на првиот училиштен ден имаше и министерката за образование, Мила Царовска, која, посакувајќи им среќен почеток на учениците рече дека оваа година ќе биде интересна, различна и малку поинаква од очекуваното.

„Можеби ќе биде и потешка во дадени моменти, но јас сум сигурна дека ќе биде многу интересно за сите вас. Вие сите носите шарени маски. И тие се интересни. Треба да зборувате за своите маски, треба да зборувате и со наставничките и наставниците за тоа зошто почесто ги миеме рацете“, рече министерката за образование, Царовска.

Истакнувајќи дека таа ќе биде партнер за да се направи сѐ на децата да им биде полесно оваа учебна година, Царовска рече дека „овој предизвик ќе го надминеме и ќе покажеме дека и во ваква ситуација знаеме да организираме успешна година“.

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, во своето обраќање пред првачињата истакна дека оваа генерација на ученици ќе биде запаметена како темел на едно поинакво, дигитално и европско образование, и дека маските ќе го покриваат лицето на учениците, но не и нивната желба за учење.

Потсетуваме, согласно Планот и протоколите за организација, што ги подготвија институциите на системот во меѓусебна соработка, наставата ќе се реализира и со физичко присуство и од далечина.

Министерката Царовска вчера информира дека во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите.

Оваа учебна година започнува еден месец подоцна од предвиденото поради пандемијата на Ковид-19.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.