Балкан

Вадефул во Белград: Сите шест земји од Западен Балкан треба да станат дел од ЕУ

- Германскиот министер Вадефул рече дека ветувањето што ЕУ им го даде на земјите од Западен Балкан во Солун во 2002 година сè уште важи

Zlatan Kapic  | 18.11.2025 - Обновена : 18.11.2025
Вадефул во Белград: Сите шест земји од Западен Балкан треба да станат дел од ЕУ Filip Stevanovic/AA

БЕЛГРАД (АА) - Германија истакна дека сите шест земји од Западен Балкан треба да станат дел од Европската Унија (ЕУ), јавува Анадолу.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, престојува во посета на Србија, во рамките на својата балканска турнеја.

Говорејќи за Украина, Вадефул рече дека земјата се соочува со тешка воена зима и дека одбранбените капацитети на Украина треба да се зајакнат.

„Помошта за Украина не е само финансиска и воена туку и политичка“, рече Вадефул и потсети дека ЕУ го усвои 19. пакет санкции за Русија.

Потсетувајќи на воените случувања во Украина и Газа, тој рече дека ветувањето на ЕУ за луѓето е дека ќе живеат безбедно, слободно и во просперитет.

„Ова ветување нè обврзува и нас како земји членки на ЕУ и земјите што се во процес на пристапување кон ЕУ. За да станеме дел од овој заеднички, мирен проект, потребен е напредок во реформите, првенствено во областа на владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Ова не е едноставен процес и нема кратенки“, рече Вадефул.

Во овој поглед, тој изјави дека очекува српската Влада да ги унапреди потребните реформи и дека Србија треба јасно да се изјасни за европските вредности и политики.

Додаде дека Германија и ЕУ се подготвени да ѝ бидат партнери на Србија на патот кон ЕУ, со цел да се постигне напредок.

„Неизбежен е дијалог за нормализација на односите со Косово под водство на ЕУ. Охридскиот договор е обврзувачки и мора да се спроведе. Ова важи за двете страни, како за Србија, така и за Косово. На патот кон ЕУ, Берлинскиот процес е важен катализатор. Ме радува тоа што Србија активно учествува во ова. И ветувам дека сојузната Влада ќе продолжи да игра важна улога во ова. Сега е клучно да постигнеме конкретен напредок“, оцени Вадефул.

Нагласи дека договорите за мобилност склучени во регионот на Западен Балкан последните години мора да се спроведат и дека станува збор за целосна слобода на патување, непречен пристап до високообразовните институции, признавање на универзитетските дипломи и создавање заеднички регионален пазар.

„Накратко, ова се конкретни олеснувања за луѓето што живеат тука. И токму тие се важни бидејќи вистинското зближување ќе се случи само кога довербата ќе расте низ целиот регион. Не е лесно, но трудот вреди бидејќи нашата цел е јасна, сите шест земји од Западен Балкан треба да станат дел од ЕУ“, порача Вадефул.

- Резолуцијата на СБОН за Газа -

Германскиот министер ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за Газа, оценувајќи ја како добра вест.

„Резолуцијата ќе овозможи спроведување на планот од 20 точки (на американскиот претседател Доналд Трамп) и ќе обезбеди легитимитет за мировните трупи за Појасот Газа, со цел да му се достави хуманитарна помош на населението и да се најде административно решение за регионот“, рече Вадефул на заедничката прес-конференција со српскиот колега Марко Ѓуриќ.

Велејќи дека резолуцијата на СБОН е показател дека системот на Обединетите нации функционира, Вадефул ја повтори подготвеноста на Германија да учествува во обновата на Газа.

Како што наведе, резолуцијата на ОН е клучна за иднината и мирот на Блискиот Исток.

Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) синоќа усвои резолуција изготвена од САД со која се формира нов преоден Одбор за мир и со која се овластуваат Меѓународните стабилизациски сили да го надгледуваат управувањето, обновата и безбедносните напори во Појасот Газа.

- Односите со Србија -

Во врска со односите со Србија, Вадефул рече дека Белград и Берлин се поврзани и дека Србија е „дел од европското семејство“.

„Германија и Србија долго време се тесно поврзани, како економски, така и преку многубројни лични контакти. Многу германски компании успешно работат во Србија, Германија е најважен трговски партнер на Србија. Голем број луѓе со потекло од Србија го пронајдоа својот дом во Германија. Овие врски се од непроценлива вредност. Србија е дел од нашето европско семејство и треба да има можност да учествува во заедницата на вредности на ЕУ“, рече тој.

Истакна дека многу нешта ги поврзува Србија и земјите од ЕУ.

„Сакаме дополнително да ги прошириме овие врски. Бидете сигурни дека Германија ќе биде ваш близок партнер во ова“, нагласи Вадефул.

Тој укажа дека ветувањето што ЕУ им го даде на земјите од Западен Балкан во Солун во 2002 година сè уште важи и дека токму во овој отворен дух на доверба разговарале како би можеле да работат заедно за да се залагаат за поголема соработка и за одбрана на европските вредности, слободата, демократијата и владеењето на правото.

„Појаснив дека Србија, како економски најсилна земја и земја со најголемо население на Западен Балкан, има посебно значење. Немавме исто мислење за сите прашања, но се согласивме дека има многу области за уште поблиска соработка. Токму во однос на снабдувањето со енергија и зголемувањето на употребата на обновливи извори на енергија може да ја прошириме нашата соработка. Нашите цели, меѓу другото, се зајакнување на независноста од Русија. Разговаравме и за безбедноста на Европа“, рече германскиот министер.

Во рамките на турнејата низ Западен Балкан германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул вечерва ќе допатува во посета на Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.