Албанија: Поранешен полицаец ја остави униформата за да се врати на својата страст за ракотворби
Вилсон Скука работи како занаетчија од 2017 година и во својата работилница во Тирана произведува повеќе производи - ремчиња за часовници, паричници, чанти, колани и други производи според барањата на клиентите
ТИРАНА (АА) – ФАТЈОН ЦУКА – Поранешниот припадник на албанската полиција Вилсон Скука, кој неколку години работел во полицијата, ја оставил униформата за да го следи својот интерес за изработка на ракотворби, пишува Анадолу.
По завршувањето на студиите на Академијата за безбедност, 31-годишниот Скука седум години бил во албанската полиција, каде што со чин инспектор работел во три окрузи – Тирана, Скадар и Дибра – но паралелно ја следел и својата страст за ракотворби.
Скука за Анадолу раскажа дека како занаетчија работи од 2017 година и во својата работилница произведува разни производи - ремчиња за часовници, паричници, чанти, колани и други производи според барањата на клиентите.
„Тоа беше многу тешка одлука. Двете работи ги работев со голема желба, но морав да изберам поголема слобода за да создавам и да се определам за она што го правам најдобро. Бидејќи страста е она што преовладува, бев принуден да ја напуштам полицијата и да продолжам со работата што ја работам сега“, рече тој.
- Користи неколку видови кожа, вклучително змиска и крокодилска -
Денот на Вилсон речиси поминува во неговата работилница во Тирана, каде што младиот човек работи без прекин за да создаде занаетчиски производи што ги нарачуваат клиентите, но и други.
Скука раскажува дека кожите што ги користи во своите занаетчиски и рачно изработени творби се различни.
„За паричници, генерално, користам козја кожа, таа е поестетска, потенка и изгледа поубаво. За ремчиња за часовници може да се користат јагнешка, козја, речиси сите видови кожа. За чанти, генерално, користам телешка кожа. Потоа другото зависи од барањето на клиентот. Ако сакате нешто луксузно, тоа може да биде змиска или крокодилска, има многу различни видови кожа“, рече тој.
- Цените на производите од 15 евра до над 3.000 евра -
Цените на производите што ги изработува Вилсон варираат во зависност од видот кожа и големината, понекогаш достигнуваат и над 3.000 евра.
„Цените варираат, почнувајќи од 15 евра до над 3.000 евра. Производите што се над 3.000 евра се изработени од крокодилска или змиска кожа. Зависи и од големината, од производот“, рече Скука.
Тој нагласи дека неговите клиенти, главно, се Албанци, но додава дека почнал малку по малку да се шири во Европа, почнувајќи од земјите околу Албанија, но и во Америка. „Размислувам да се проширам и да станам бренд што ќе биде познат низ целиот свет“, рече Скука.
„За да се работи тука (во работилницата) потребно е многу страст бидејќи сè се прави рачно и сè се изработува со најголема посветеност. Бидејќи во мене преовладува страста за она што го правам и на крајот од денот кога еден производ е готов, клиентот доаѓа и го зема и многу е задоволен, тоа е голема благодарност за мене. Речиси цел ден го минувам во работилницата“, рече тој.
Скука нагласи дека во иднина сака да ја прошири својата работилница, вклучително и производството на кожни чевли или разни аксесоари.
