Авионска бомба од Втората светска војна пронајдена во Белград, ќе биде отстранета во недела
- Станува збор за американска авионска бомба АН-М44, со тежина од приближно 470 килограми и содржина од околу 250 килограми експлозив.
САРАЕВО (АА) - Припадници на српското Министерство за внатрешни работи ќе отстранат, транспортираат и уништат авионска бомба од Втората светска војна пронајдена на градилиштето на Белград на вода, рано наутро во недела, објави Министерството за внатрешни работи денес, јавува Анадолу.
Станува збор за американска авионска бомба АН-М44, со тежина од приближно 470 килограми и содржина од околу 250 килограми експлозив. Бомбата потекнува од сојузничкото бомбардирање на германските позиции за време на ослободувањето на Белград во 1944 година, се вели во соопштението.
Бомбата е пронајдена на улица „Николаја Кравцова“. Специјализиран тим од Секторот за вонредни ситуации претходно изврши извидување, идентификација и процена на состојбата на бомбата, со цел да се осигурат безбедни услови за нејзино отстранување и уништување.
Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните што живеат во непосредна близина на локацијата, вклучително и областа околу трговскиот центар „Галерија“ и делови од неколку улици, привремено да ги напуштат своите станови доколку се во можност во недела, 28 декември, помеѓу 6 и 9 часот наутро.
На граѓаните што не можат да ги напуштат своите станови им се препорачува да ги отворат прозорците, да ги спуштат ролетните и да се оддалечат од прозорците.
Локацијата каде што е пронајдена бомбата ја обезбедуваат припадници на Полициската управа во Белград.
Министерството за внатрешни работи апелираше до граѓаните да ги следат упатствата на надлежните служби и информациите во медиумите за да може акцијата да се спроведе безбедно и во најкраток може рок.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
