Што постигна Самитот ЕУ - Западен Балкан?
Во Декларацијата од Самитот се вели дека ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и дека ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива...

Д-р Хамза Карчиќ
- Авторот е доцент на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево.
ИСТАНБУЛ (АА) - На 6 октомври се одржа Самитот ЕУ - Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија. Поранешната југословенска република, која ја стекна својата независност пред триесет години, го презеде претседателството со Советот на Европската Унија во јули оваа година. Самитот требаше да биде во фокусот на словенечкото претседателство.
Во Декларацијата на девет страници се вели дека ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и дека ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е во нивни заеднички стратешки интерес и останува нивни заеднички стратешки избор. „ЕУ понатаму ја потврди… својата посветеност кон процесот на проширување…”[1] Оваа заложба за понатамошно проширување со вклучување на Западен Балкан е позитивен развој што јавноста во регионот го поздравува. Но, останува да видиме дали оваа отворена обврска некогаш ќе се оствари. Сè поголем број луѓе во регионот се поскептични од кога и да е дека земјите од регионот ќе се приклучат на ЕУ наскоро.
На посуштинско ниво, во Декларацијата од Брдо се вели: „ЕУ изнесе економски и инвестициски план (EIP) и насоки за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан. Планот утврдува значителен пакет за инвестиции, кој мобилизира околу 30 милијарди евра за регионот во следните седум години.“
На политичко ниво, ЕУ го објави своето очекување дека партнерите дополнително ќе ја продлабочат соработката во областа на Заедничката надворешна и безбедносна политика (CFSP) и ќе направат опиплив и одржлив напредок кон целосно усогласување со надворешнополитичките позиции на ЕУ и ќе дејствуваат соодветно... Ова е прилично непријатно барање од страна на ЕУ. Зошто државите од Западен Балкан треба да се воздржат од водење надворешна политика во согласност со нивните национални интереси? Ако полноправното членство е далеку една деценија, зошто земјите од Западен Балкан ќе ја усогласат својата надворешна политика со ЕУ?
Самитот беше можност словенечкиот премиер Јанез Јанша да биде во центарот на вниманието. Контроверзниот политичар предизвика бурни реакции на Балканот пред неколку месеци, кога протече „нон-пејперот“ што му се припишува нему. „Нон-пејперот“ повика на поделба на Босна и Херцеговина по верска и етничка линија.
Иако Декларацијата од Брдо ја потврди посветеноста на ЕУ за проширување, процесот нема да продолжи само преку политички документи. Постојат конкретни одлуки што ЕУ може да ги преземе за да го олесни процесот.
ЕУ треба да продолжи со отворањето пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро [3]. ЕУ и европските лидери треба да извршат притисок врз Бугарија да го укине ветото за преговорите за пристап на Северна Македонија. Динамиката генерирана со започнувањето на преговорите за пристап сега ќе се прошири и на остатокот од регионот.
На Босна и Херцеговина треба да ѝ се додели кандидатски статус за членство во ЕУ. Ова би била одлука што ќе генерира реформи и ќе отвори дополнителни фондови на ЕУ за оваа земја. На Косово, пак, треба да му се даде безвизен режим. Одлуката за исклучување на Косово од досега безвизното патување беше неправда кон најновата европска држава, и тоа треба да се поправи наскоро.
Сумирано, ЕУ може да донесе конкретни и ефективни одлуки што можат да обезбедат импулс за Западен Балкан.
* Мислењата изразени во овој текст се авторски и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).
[1] https://www.consilium.europa.eu/media/52280/brdo-declaration-6-october-2021-en.pdf
[2] https://www.newsweek.com/should-balkan-borders-redrawn-opinion-1585831
[3] https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/pt/ip_20_519
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.