Анализа на вести, политика

Сценаријата за иднината на Западен Балкан не се завршени

И покрај сиве овие тешкотии, фактот дека сонот за Голема Србија е вратен на дневен ред покажува дека приказните и сценаријата за иднината на Западен Балкан не се завршени.

Prof. Dr. İrfan Kaya Ülger  | 23.04.2021 - Обновена : 26.04.2021
Сценаријата за иднината на Западен Балкан не се завршени

ИСТАНБУЛ - ИРФАН КАЈА УЛГЕР -

Минатата недела, многу меѓународни медиуми, особено „Ројтерс“, ја објавија веста дека словенечкиот премиер Јанез Јанша испрати документ (нон пејпер) со наслов: „Западен Балкан - патот напред“ до претседателот на Советот на Европската Унија (ЕУ), Шарл Мишел. Според вестите, овој документ ја нагласува потребата да се елиминира политичката нестабилност на Западен Балкан и во овој контекст се предлага промена на границите.

Предлозите изнесени за стабилност на Западен Балкан се категоризирани во три главни наслови: прво, се бара Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, да се спои со Србија. Второ, хрватскиот регион Босна и Херцеговина се предвидува да се приклучи на државата Хрватска.

Третата точка што привлекува внимание во документот е соединување на Косово и Албанија под еден покрив. Со други зборови, премиерот на Словенија, во својот документ ја брани идејата за проширување на границите на Хрватска, Србија и Албанија, со цел да се постигне политичка стабилност на Западен Балкан.

Исто така, во документот силно се искажани и жалбите поради влијанието на Турција во Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

По објавувањето на овие вести, словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека неговата влада не прифаќа таков документ и дека тие се залагаат за влез на Босна и Херцеговина во ЕУ што е можно поскоро, под услов постојните граници на државата да бидат земени како основа.

Милорад Додик, лидерот на босанските Срби, изјави дека ги поддржува предлозите во документот. Во својот говор во Парламентот, Додик го повтори повикот за референдум за мирно решение на Западен Балкан.

Претседателот на Европскиот совет, Мишел, претпочиташе да молчи во однос на ова прашање. Од друга страна, во изјавата дадена во име на американската администрација се истакнува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Документот што на дневен ред го донесе словенечкиот премиер Јанша на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор уште еднаш го привлече вниманието на меѓународната јавност кон проектот на српскиот национализам и Голема Србија на Западен Балкан.

Проектот, кој предвидуваше српска доминација низ цела поранешна Југославија, доведе до распуштање на Федерацијата основана од југословенскиот водач Јосип Броз Тито во 90-тите години на минатиот век.

- Сонот за голема Србија предизвика распад на Југославија

Поранешна Југославија имаше сложен изглед во однос на етничката и религиската припадност. Српскиот национализам во поранешна Југославија се зацврсти по смртта на Тито во 1980 година, и доведе до слабеење на односите на федералните единици со Централната влада.

Во овој контекст, многу важна пресвртница беше изборот на Слободан Милошевиќ за претседател на сојузната држава Србија. Откако Милошевиќ во 1989 година, со еднострана одлука го отстрани автономниот статус на регионите Косово и Војводина, се активира и процесот што доведе до распаѓање.

Оваа одлука, и покрај тоа што е против Федералниот устав, ги отвори вратите за понатамошни прекршувања. Во Југославија, каде што во 90-тите започна да се практикува повеќепартиски систем, новоформираните политички партии што ја прифатија националистичката идеологија ја зголемија својата поддршка во јавноста.

Во Србија, српскиот национализам стана официјална идеологија на федералната република. Изборите одржани по преминот во повеќепартиски систем доведоа сепаратистичките и доминантните националистички тенденции да дојдат на власт низ цела Југославија.

Хрватска и Словенија, католичките републики во Југославија, кои беа загрижени од српскиот суверенитет, истовремено ја прогласија својата независност на 15 јули 1991 година.

Српско-хрватскиот конфликт што започна по оваа одлука траеше шест месеци. Со интервенцијата на ЕУ во јануари 1992 година, во Бриони беше потпишан Договор за прекин на огнот.

Република Македонија и Босна и Херцеговина, кои останаа во Федерацијата откако Хрватска и Словенија ја напуштија, се соочија со тежок избор. Независноста на Хрватска и Словенија беше можна под покровителство на Германија и ЕУ. Освен Бошњаците, во Босна и Херцеговина живееја значителен број Срби и Хрвати.

Српските националисти ја дефинираа Македонија како Јужна Србија. Поради загриженост за доминантниот српски национализам, Македонија прогласи независност во ноември 1991 година, а Босна и Херцеговина во пролетта 1992 година.

Воислав Шешељ, идеологот на српскиот национализам кој напиша и докторска дисертација на оваа тема, сметаше дека е погрешно Србите да ги напуштат своите домови и да мигрираат во Србија. Според него, таму каде што живее и само еден Србин, тоа претставува Србија.

Кога македонскиот Парламент, исто така, донесе одлука за независност во септември 1991 година, Милошевиќ не се осмели да интервенира.

Американската администрација постави 2.000 маринци во Македонија под името „Сили за спречување конфликти“. Словенија, Хрватска и Македонија ја напуштија Федерацијата поради загриженост за српскиот национализам.

Администрацијата на Босна и Херцеговина, сметајќи дека ќе се соочи со поголем притисок доколку остане во рамките на Југославија под овие услови, се состана во Сараево во март 1992 година за гласање за независност. На состанокот против кој се протестираше од страна на босанските Срби, со заедничка одлука на хрватските и босанските делегати беше прогласена независност.

По оваа одлука судирите што започнаа со нападот на босанските Срби и Србија траеја три и пол години. Во раните фази на војната, босанските Хрвати беа вклучени во судирите, со цел регионот Херцеговина да се приклучи на Хрватска.

Потрагата за дипломатско решение на кризата по нападите предизвикани од српскиот национализам среде Европа не донесе ништо.

Откако не успеаја дипломатските напори на Сајрус Венс и Лорд Овен, кои дејствуваа како посредници во име на ОН и ЕУ, САД влегоа директно и ги принудија страните на компромис.

На тој начин, Дејтонскиот мировен договор беше потпишан во ноември 1995 година, со што се стави крај на конфликтот и се утврди основната структура на новата држава.

Последователно на тоа, Мировните сили на ОН, составени од 60.000 луѓе, беа испратени во регионот да ја поддржуваат политичката структура предвидена со Договорот и да обезбедат стабилност во Босна и Херцеговина.

Државата Босна и Херцеговина се состоеше од две единици со еднакви права на глас: првата беше Република Српска, и втората, Федерацијата на Бошњаците и Хрватите.

- Проблеми предизвикани од легендата „Татковина Косово“

Српскиот лидер Милошевиќ на крајот на 90-тите години на минатиот век го избра Косово како нова цел. Тој започна да тврди дека Косово, главниот град на средновековното Српско Кралство, е исчистено од Србите. Милошевиќ, заминувањето на Србите што живеат во Косово, најсиромашниот регион на поранешна Југославија, од економски причини го опишуваше како „окупација на татковината Косово“.

Милошевиќ со поддршка на Федералната армија изврши масовни напади против цивили во руралното Косово кон крајот на 1998 година. Србите протерани од Хрватска од Фрањо Туѓман беа сместени во албанските села во Косово кои беа евакуирани со нападите на Федералната армија.

Бидејќи нападите се интензивираа и добиваа континуитет, Ослободителната војска на Косово (ОВК) беше основана од оние кои се спротивставија на раководството на Ибрахим Ругова.

Отпорот на ОВК, во кој беа вклучени и Адем Јашари и Хашим Тачи, не беше доволен за да се одвратат нападите што достигнаа степен на етничко чистење од страна на Српската армија низ Косово.

Европските заедници, како што Европската економска заедница беше нарекувана во тоа време, не направија чекор подалеку од дипломатските напори против агресијата на Косово по Босна и Херцеговина. Кога не беше можно да се донесе одлука од ОН за запирање на Милошевиќ поради противењето на Русија и Кина, американскиот претседател Бил Клинтон по вторпат ја презеде иницијативата.

Во март 1999 година, НАТО презеде акција против Милошевиќ, кој убиваше цивили на Косово. Беа бомбардирани српските позиции, вклучително и Белград.

Како што може јасно да се забележи, проектот Голема Србија доведе до распаѓање на Југославија во Западен Балкан. Исто така, беше причина сојузните републики, па дури и автономните регионални администрации да станат посебни држави. Стотици илјади луѓе ги загубија своите животи во војните во Босна и Херцеговина и Косово, а милиони од нив беа принудени да ги напуштат своите земји.

И покрај сиве овие тешкотии, фактот дека сонот за Голема Србија е вратен на дневен ред покажува дека приказните и сценаријата за иднината на Западен Балкан не се завршени.

[Проф. д-р Ирфан Каја Улгер е раководител на Одделот за меѓународни односи на Економскиот факултет на Универзитетот „Коџаели“]

*Мислењата изразени во овој текст му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.