Анализа на вести, политика

Односите меѓу Северна Македонија и Русија во сенка на протерувањето на дипломатите

Разликите во стратешките цели на овие две земји, како и меѓусебното прогласување на дипломатите за непожелни личности, фрлаат сенка на билатералните односи на Северна Македонија и Русија, наспроти декларативните заложби за нивно унапредување.

Admir Fazlagic   | 14.06.2021
Односите меѓу Северна Македонија и Русија во сенка на протерувањето на дипломатите

СКОПЈЕ

АДМИР ФАЗЛАГИЌ

Дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и Русија во последно време се во фокусот на јавноста поради неодамнешното протерување на руски дипломат од Северна Македонија, а потоа, и поради возвраќањето на Русија со прогласување на вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва за „персона нон грата“ (непожелна личност).

Имено, на 18 мај оваа година, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија прогласи руски дипломат за непожелна личност во земјата, при што во соопштението на МНР на РСМ беше наведено дека согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, донесена е одлука за прогласување на еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија.

Според соопштеното, на посочениот дипломат на Русија му беше наложено да ја напушти територијата на Република Северна Македонија во рок од седум дена.

Министерството не ги наведе причините за таквата одлука, а претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, изјави дека „не станува збор за импровизација, туку за случај документиран од надлежните институции“.

Кратко време по одлуката за протерување на руски дипломат од Северна Македонија, возврати Русија. Поточно, на 10 јуни оваа година Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за персона нон грата.

Руското МНР во кусо соопштение потсети дека Северна Македонија во мај месец прогласила еден руски дипломат за персона нон грата, како и дека оваа мерка е донесена против, како што се нагласува, одлуката без причина од македонска страна за депортирање на руски дипломат.

- Кој почна прв?

Од 2018 година, ова е втор руски дипломат прогласен за персона нон грата. Освен, горенаведениот случај за протерувањето на рускиот дипломат од Скопје во мај оваа година, во март 2018 година македонското Министерство за надворешни работи објави дека ќе протера еден руски дипломат од земјата.

„Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“, соопшти тогаш македонското МНР, со надополнување дека „користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и дека тоа влијае на безбедноста на сите земји“.

На ова веднаш реагираше Руската амбасада во Скопје.

„Исклучително непријателски и со ништо неоправдан чекор којшто е без преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците лежи целосно на македонската страна“, реагираше Руската амбасада во Скопје преку објава на социјалната мрежа Твитер.

Тогашниот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров, во јавноста излезе со појаснување за ваквата дипломатска одлука. Димитров рече дека одлуката за протерување на еден руски дипломат од Македонија се базира на два елемента, и тоа дека едниот елемент е меѓународен, што е поврзан со нападот со хемиско оружје што се случи во Велика Британија, и на солидарноста што ја побараа партнерите и сојузниците. Другиот, домашен елемент, според Димитров, е поради тоа што се работи за лице кое со неговите активности излегло надвор од неговиот мандат и од одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Како реакција на ваквите обвинувања, тогашниот амбасадор на Русија во Скопје, Олег Шчербак, одговори дека „одлуката на државните власти за протерување на рускиот дипломат од Македонија е несовесна и политички монтирана одлука“.

Шчербак рече дека дејството за кое станува збор е избрзан чекор што е во спротивност со изјавите на државните службеници за пријателски односи со Русија, а за самиот чин на депортација, рече дека претставува непријателски чин кон државата која би имала соодветни одговори, но добро осмислени од сите страни.

Тој рече дека „официјално Скопје не обезбедило докази дека рускиот дипломат излегол од рамките на неговиот дипломатски мандат, како што беше и официјалното соопштено од Владата“.

Инаку, вреди да се истакне дека одлуката за протерување на руски дипломат од РСМ се случи само една недела по средбата на тогашниот руски заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, со македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов. По средбата, МНР на Русија излезе со предупредување во контекст на македонските аспирации за членство во НАТО.

Тогашниот руски амбасадор во Скопје, Шчербак, го коментираше и соопштението на руското МНР по средбата на рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, со македонскиот амбасадор во Москва, што во јавноста беше пренесено дека, доколку Македонија стане членка на НАТО тоа ќе влијае на билатералните односи и стабилноста во регионот.

„Во таа изјава, нема закани на адреса на Република Македонија. Беше изразена нашата загриженост од плановите за вовлекување на Македонија во НАТО и беше забележано за негативните последици од тоа вовлекување по регионалната безбедност и билатералните односи. Во овој наш став нема ништо ново, бидејќи истата позиција претходно им беше кажана на нашите колеги од Македонија, став што го изразив во својство на амбасадор“, рече Шчербак.

Тој рече дека членството на Македонија во НАТО би можело да има импликации за земјата и додаде дека во случај на агресија од НАТО кон Русија, доколку Македонија стане дел од НАТО, „Македонија може биде легитимна цел при возвратен напад од Русија“.

По изјавите на рускиот амбасадор во Скопје, македонскиот премиер Заев изјави дека „Русија не треба да ја разбере таквата одлука како провокација или кавга, туку дека одлуката е во согласност со законите на земјата и Виенската конвенција“.

„Овде живее доминантно, мнозинско православно население, рускиот народ е православен, имаме поврзаност“, рече Заев во изјавата.

- Надвор од рамките на дипломатските односи

Освен дипломатските односи, двете земји имаат и свои економски и културни врски. Во тој контекст вреди да се спомене дека на почетокот на овој месец официјално е означено воспоставувањето на директната авиолинија Москва – Скопје, со пристигнување на авион од руската престолнина. Воздушната врска меѓу двете земји се отвора по 20 години пауза.

Во контекст на економските односи на двете земји, важно е да се потсети и на изјавата на премиерот на РСМ, Зоран Заев, во ноември 2019 година, на Бизнис-форумот меѓу Северна Македонија и Русија. Тогаш, Заев во своето обраќање истакна дека односите меѓу двете земји имаат пријателска традиција, нагласувајќи дека постојат големи неискористени потенцијали, додавајќи дека трговската размена со Русија сочинува само 1 отсто од општата трговска размена на Северна Македонија.

- Имаат ли перспектива дипломатските односи на официјално Скопје и Москва?

Русија ја призна Република Македонија на 4 август 1992 година, една година откако земјата прогласи независност од Југославија во септември 1991 година, а дипломатските односи беа воспоставени на 31 јануари 1994 година.

Стратешките цели на Република Северна Македонија се членството во НАТО и ЕУ. Првата, членството во НАТО, земјата ја оствари, на што Русија отворено реагираше негативно, а за втората стратешка цел, земјата е во исчекување на добивање датум за отпочнување на пристапните преговори за членство. Сето ова се случува во време кога помеѓу ЕУ и Русија има затегнати односи, поради бројни прашања.

Во тој контекст, оваа година Северна Македонија беше дел од земјите што се придружија на пакетот санкции на ЕУ кон Русија поради апсењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални. Осврнувајќи се на ваквиот потег на Северна Македонија и Црна Гора, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека „двете земји во полза на 'сојузништвото' со трети земји механички поддржуваат одлуки во чие носење не ни учествувале, со што само ја поткопуваат довербата и не го стимулираат развојот на билатералните односи со Русија“.

Разликите во стратешките цели на овие две земји, како и меѓусебното прогласување за непожелни личности на дипломатите, фрлаат сенка на билатералните односи на Северна Македонија и Русија, наспроти декларативните заложби за нивно унапредување и развивање.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.