Како да се толкуваат изјавите на Бајден за случувањата од 1915 година?
Повеќе фактори играа улога Џо Бајден да стане прв американски претседател, уште од Роналд Реган, уште од 1981 година, кој настаните од 1915 година ги нарече „геноцид"

Пишува: Јилдиз Девеџи Бозкуш - Авторката е дел од факултет на Универзитетот „Јилдирим Бејаз" во Анкара на Одделот за кавкаски студии ИСТАНБУЛ (АА) - Со стапување на американскиот претседател Џо Бајден на должност на 20 јануари, почна нова ера во односите на Турција и Соединетите Американски Држави (САД). Познато е дека двете страни имаат различни ставови за многу прашања, како што се исклучувањето на Турција од проектот за авионите Ф-35 кој го спроведуваат двете држави, американските санкции кон Законот за спречување на американските противници со санкции (CAATSA), прашањата во врска со системот С-400, заедничката воена вежба на САД и Грција, настаните во Карабах, Договорот за одбрана помеѓу Израел и Грција, американската поддршка на терористичките организации во Сирија, прашањата за терористичката организација ФЕТО и настаните во северен Ирак и Либија. Сепак, сѐ до последен момент не се очекуваше Бајден на спомнатото да додаде ново прашање и односите да ги донесе до непоправлива точка. Бајден на 24 април го употреби изразот „геноцид" во пораката која ја објави во знак на сеќавање на настаните од 1915 година. Иако не се очекуваше Бајден да направи таква историска грешка, фактот дека не ја контактира Турција, стратешкиот сојузник во НАТО, долго време по стапувањето на должноста веќе беше одреден показател дека помеѓу двете страни дуваат „ладни ветришта“. Откако е објавена пораката на Бајден од 24 април, американскиот амбасадор во Анкара, Дејвид Сатерфилд, е повикан во Министерството за надворешни работи на Турција, и во таа пригода Турција ја изнесе оправданата реакција. Министерството за надворешни работи, исто така, објави соопштение во кое Турција ја осуди изјавата на Бајден и наведе дека нема да ги прифати изразите во неговата изјава, во која настаните од 1915 година се опишани како „геноцид". - Што доведе до одлуката од 24 април? - Повеќе фактори играа улога Џо Бајден да стане прв американски претседател, уште од Роналд Реган во 1981 година, кој настаните од 1915 година ги нарече „геноцид". Сепак, најважен фактор тука беше тој што со ова соопштение настаните од 1915 година станаа жртви на домашните и странските политички интереси, тргнувајќи по патот од кој нема назад. Американската одлука од 24 април ќе има сериозно влијание на турско-американските односи и турско-ерменските односи во наредните денови. Всушност, што се смени во САД за настаните, кои секоја година се нарекувани како „Голема несреќа“ (Meds Yeghern), да се опишат како „геноцид“ на 24 април 2021 година? Како прво, потребно е да се сврти вниманието на упорниот став на претседавачот со американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси, исто така демократ, и влијанието на американската потпретседателка Камала Харис. Влијанието на ерменската дијаспора во САД и целиот свет, со години, како во врска со настаните од 1915 година, така и за многу други прашања, е општопознат факт. Исто така, не треба да се заборави дека ерменската дијаспора управува со економска моќ, како и со внатрешно и надворешнополитичко влијание. Очигледно е дека притисокот на ерменската дијаспора врз администрацијата на Бајден, Харис и Пелоси во внатрешната политика и економската моќ на дијаспората имале значително влијание Бајден да го употреби спомнатиот израз. Предлозите за нарекување на настаните од 1915 година како „геноцид“ веќе претходно се усвојувани во Конгресот и неговото горно тело, Сенатот, како и во 49 од 50 американски држави. Меѓутоа, тоа што Бајден се залагаше за ерменската дијаспора во текот на својата предизборна кампања исто така имаше големо влијание на овие одлуки во контекст на домашната политика. Иако американските медиуми овој чекор го претставија како показател на значењето кое Бајден го придава на човековите права, очигледно е дека во основа домашните политички интереси имаа важно влијание на оваа изјава. Од ова гледиште, таквата одлука на САД против Турција, сојузник во НАТО, предизвика ненадоместлива штета за и онака слабите односи. Уште еден случај на занесот се американските медиуми кои тврдат дека со ова се тестираат односите со Турција. Друг важен фактор во донесувањето на таа одлука беше развојот на настаните во текот на војната во Нагорно Карабах. Како што е познато, Соединетите Американски Држави, иако се во групата Минск на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), 30 години не преземаа иницијатива за решавање на прашањето за Карабах и не е постигнат никаков напредок кон решавање на проблемот. САД исто така не се вклучуваа многу во самиот тек на војната во Карабах, што кај ерменската заедница наиде на нелагодност. Иако САД тврдеа дека ја прифатиле политиката на неутралност под изговор на изборниот процес за претседател, забележано е дека САД всушност се дистанцирани поради руската политика. Поради тоа може да се рече дека САД, кои не можеле да пружат поддршка на Ерменија која таа ја бараше во текот на војната, со оваа изјава ги платија „крвавите пари“ на Ерменија. - Што значат изразите во писмото? - Би било корисно да се погледне значењето на изразите кои Бајден ги користеше во своето писмо. Иако е изразен акцентот на „османлиска држава“, прикажан за да се изземе Република Турција, наводите дека „тие се обврзуваат дека ќе спречат таквото злосторство веќе никогаш да не се повтори“, покажуваат контрадикторен став. Понатаму, иако некои групи повикувањето на „Константинопол“ и на датумот 1915 година го протолкуваа како показател дека се почитува чувствителноста на Турција, тоа нема никаква врска со реалноста. Она што е битно во ова писмо е дека е користен изразот „геноцид“. Исто така, да не заборавиме дека многу лица кои беа задолжени за воспоставување на Република Турција беа интелектуалци, активни во подоцнежните периоди на Османлиската Империја. Затоа, не би било исправно писмото да се сфати како назнака дека „САД ги обвинуваат Османлиите, а не Турција“. Таквиот став е најјасен пример на размерот на пресметаната дипломатија која САД настојуваа да ја постигнат со ова писмо. Иако САД имплицитно наведоа дека не ја обвинуваат Турција, овој став не ја одразува реалноста, бидејќи Република Турција е наследник на Османлиската Империја, како историски така и правно. Употребата на името „Константинопол“, наместо Истанбул, исто така е проблематично прашање во овој контекст. - Како да се толкуваат ставовите на турските Ерменци? - Познато е дека Ерменците во Турција, особено Хрант Динк, чувствуваат нелагодност поради употребата на настаните од 1915 година, како политички инструмент. Изјавата на 85. поглавар на Ерменската патријаршија во Турција, Сахак Машалиан, е од најголема важност. Во овој контекст, значајни се неговите зборови: „Нѐ растажува кога гледаме дека страдањата на нашите луѓе и светото сеќавање на нашите предци некои држави го инструментализираат во дневнополитички цели.“ Забелешките на Машалиан изнесени во неговата изјава дека „посматрањето на тензиите предизвикани со ова прашање на дневен ред на парламентите веќе со децении не служи за зближување на двата народи. Напротив, само го одложува со предизвикување на непријателски чувства“, уште еднаш покажуваат дека нормализацијата со Ерменија е клучна во решавањето на ова прашање. *Мислењата изразени во овој текст му припаѓаат само на авторот и нужно не ја одразуваат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА) |