АНАЛИЗА: Американски соништа
Дин Ачесон за односите на САД со странство: „Целта на нашата дипломатија… бара инспирација на верување и доверба, бидејќи нашата владина цел долги години беше да се зачува и негува средина во која слободните општества можат да постојат и да цветаат“.

Адам МЕККОНЕЛ
- Авторот предава Историја на Турција на Универзитетот „Сабанџи“ во Истанбул. Магистрирал и докторирал Историја на истиот универзитет.
„[Раскољников] Се потсети за тоа што сонувал додека имал треска и бил во делириум. Додека бил болен, замислувал дека целиот свет бил осуден на некоја страшна, невидена чума... Се појавиле нови трихини, микроскопски суштества кои влегувале во човечките тела… Луѓето кои ги имале во своите тела веднаш станувале опседнати и полудувале. Но, никогаш луѓето не се сметале себеси за толку интелигентни и толку сигурни во вистината како оние кои биле заразени. Никогаш претходно не ги сметале своите проценки, своите научни заклучоци, своите морални убедувања и верувања за толку цврсти.“ [1]
Општиот консензус по директната средба на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со американскиот претседател Џо Бајден минатиот викенд е дека тензиите се намалија. Бајден го поздрави Ердоган со чуден воен поздрав, двете страни изгледаа опуштено на преговарачката маса, а изјавите потоа од двете страни не покажаа знаци на напнатост. Коментарите на Ердоган за новинарите на летот назад за Турција покажаа внимателен оптимизам. Во следните денови вниманието беше насочено кон механизмот за намалување на конфликтот предложен од страна на САД, кој ќе биде воспоставен за да се пронајдат решенија за многуте прашања што моментално ги затегнуваат односите меѓу двете држави.
Во овој момент, мислењата за тоа дали овој механизам ќе постигне резултати се малку повеќе од чиста шпекулација. Се сомневам дека механизмот може да биде уште една тактика за одложување, варијација на повлекување прикажано од САД во Сирија. Во она што се одигра во текот на изминатите десет години и имајќи ја предвид моменталната ситуација во Вашингтон и во американскиот печат, наоѓам многу малку охрабрување. Бајден очигледно го уверил Ердоган дека ќе најде начини како да продажбата на Ф-16 за Турција да биде одобрена од Конгресот, но тоа се чини нереално со оглед на безизлезната положба што ги попречува демократите на Конгресот, а која беше влошена со изборните резултати минатиот вторник.
- Перцепцијата на САД за Турција не е заснована на реалноста
Многу коментатори во Турција и надвор од неа, зборуваат за актуелните односи меѓу Турција и САД со тон што сугерира еднаква вина за тековниот хаос. Со тој став, сепак, не успеваат да признаат дека поголемиот број проблеми во турско-американските односи произлегуваат од неспособноста или неподготвеноста на САД да ги препознаат интересите и грижите на сојузникот во НАТО, Турција.
Кога станува збор за кое било прашање во врска со Турција, речиси сите американски креатори на политики, институции и медиуми се заробени во халуцинации од најфантастичен вид, што ме потсетува на застрашувачкиот сон на Раскољников. Претседателот Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен и Стејт департментот се убедени дека имаат право да се мешаат во внатрешната политика на Турција. Пентагон верува дека прави политика сега, и дека може неказнето, па дури и со чиста совест, да ја вооружува, тренира и финансира ПКК, терористичка организација прогласена од САД. Различни членови на Конгресот, особено личности како демократот од Њу Џерси, Роберт Менендез, претседател на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, стануваат апсолутно бесни секогаш кога Турција ќе се појави како тема.
Американските медиуми, со „Њујорк тајмс“ (The New York Times) секогаш, на прво место, упорно ги прикажуваат Турција и нејзиниот претседател како нова исламска закана, употребувајќи широк спектар на дезинформации и давајќи погрешна слика за ситуацијата, возвишувајќи ги членовите на ѓуленистичкиот култ, терористичка организација одговорна за смртта на стотици турски граѓани. Повеќето експерти од Белтве кои се занимаваат со прашања поврзани со Турција, го поминуваат своето време формулирајќи содржини наменети за проширување и, ако е можно, продлабочување на „мочуриштето“ од негативни дезинформации што се однесуваат на секоја дискусија за Турција во американската јавна сфера. Овој сон со треска е речиси целосен и го опфаќа политичкиот спектар од лево кон десно.
Уште полошо, самозалажувањето на САД во врска со Турција го олеснува злонамерното однесување на другите. Париз, Брисел и Атина; Путин, Асад и Хафтaр – никој не чувствува притисок да го промени своето однесување кон Турција, бидејќи ја гледаат конфузијата на САД. Сепак, иницијативите на Турција во различни региони како Сахарска Африка, Балканот, Источниот Медитеран, Кавказ, Централна Азија и Рогот на Африка не само што се праведни, туку придонесуваат и за регионалната стабилност и економски развој.
Доколку Турција не интервенира во Либија, би било тешко да се замисли како можеше да се постигне стабилноста што сега постои таму; изборите се закажани за следниот месец. Во Нагорно Карабах, турската помош за Азербејџан конечно помогна да се стави крај на ерменската окупација во тој регион, која ниту еден меѓународен актер не ја сметаше за легална и за која 30-годишните преговори на Групата Минск целосно не успеаја да најдат правично решение. Сега, можноста за регионален мир и економски развој во Јужен Кавказ постои за првпат по распадот на Советскиот Сојуз.
- Што треба да следи: Отстапки од САД
Следствено, страната што мора да го промени својот пристап се САД. Иако тоа се чини речиси невозможно да се замисли со оглед на „хистеричната антитурска“ атмосфера во Вашингтон, креаторите на политиката на САД, почнувајќи од администрацијата на Бајден, мора да признаат дека со поддршката на демократскиот сојузник во НАТО, Турција се усогласува со интересите на САД. Тие мора да разберат дека Турција е стабилизирачки фактор во голем број клучни африкански, европски и југозападни азиски региони и дека ерата на САД како осамена суперсила заврши. Од таа причина, ако САД сакаат – во согласност со нивните често прокламирани идеали – да го поддржат напредокот на демократијата во муслиманскиот свет, тие мора да ги разберат и почитуваат интересите на Турција, како и сопствените, и да работат со добра волја за да ги поддржат и двете.
Во 1964 година, поранешниот државен секретар Дин Ачесон ја формулира оваа дефиниција за тоа како треба да се следат односите со странство: „Целта на нашата сопствена дипломатија… бара инспирација на верување и доверба, бидејќи нашата владина цел долги години беше да се зачува и негува средина во која слободните општества можат да постојат и да цветаат“. [2]
Јасно е дека мешањето во внатрешната политика на демократскиот, 70-годишен НАТО-сојузник не создава верување и доверба; Очигледно, соработката со или згрижувањето на одредени терористички организации не „негува средина во која може да постојат и да процветаат слободни општества“.
Но, кој може да го разбуди Вашингтон од неговиот делириум против Турција?
[1] Достоевски, Фјодор. Злосторство и казна. „Епилог“. Преведувач: Оливер Реди, Пингвин книги, 2014 година.
[2] Ачесон, Дин. Ова огромно надворешно царство. В. В. Нортон, 1973. стр. 129.