Erdoğan Çağatay Zontur
11 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Партијата на правдата и развојот (AK Parti), Омер Челик, денес изјави дека критиките на Соединетите Американски Држави (САД) за договорот на Турција со Русија за купувањето на рускиот одбранбен систем „С-400“ отишле премногу далеку, јавува Anadolu Agency (AA).
„Таквите забелешки ја преминаа границата“, изјави Челик за новинарите во Анкара.
„Тие (САД) достигнаа неразумна точка во предложувањето дека можат да го откажат својот договор за продажба на борбените авиони „Ф-35“ на Турција, нешто недостојно за сојузник на НАТО“, додаде Челик.
„Сојузниците треба да ги решат проблемите со разговор“, изјави тој, додавајќи дека никој не може да ѝ се заканува на Турција.
Официјални претставници на САД сугерираа дека Турција треба да ги купи ракетите на САД, „Патриот“, наместо рускиот систем, тврдејќи дека „С-400“ не е компатибилен со системите на НАТО.
Но турските официјални претставници одговорија дека Турција нема да се повлече од својот договор со Русија, дури и да го купи и „Патриот“, и исто така се пожалија дека досега сојузниците на Турција не сакале да ѝ го продадат ракетниот систем „Патриот“.