Ekipa
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека убиството на генерал Касим Сулејмани, командант на елитната единица Силите на Ерусалим при Иранската револуционерна гарда, предизвика сериозен ризик за мирот и стабилноста на регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одржа состанок на кој говореше за надворешната политика во 2019 година.
Турскиот министер рече дека 2019 година била година на сеопфатни промени и трансформации од глобален аспект, односно година во која геополитичката конкуренција, особено борбата за моќ на големите сили, била на највисоко ниво.
„Убиството на Касим Сулејмани во Ирак предизвика сериозен ризик и закана за мирот и стабилноста на нашиот регион. Вложуваме интензивни напори за намалување на американско-иранските тензии преку дипломатски пат“, додаде тој.
Нагласувајќи дека се во близок контакт со сите страни, Чавушоглу рече дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остварил телефонски разговори со францускиот претседател Емануел Макрон, иранскиот претседател Хасан Рохани, ирачкиот претседател Берхем Салих и катарскиот емир Шеик Темим бин Хамед ал Сани и дека во наредните денови ќе оствари телефонски разговори и со лидерите како британскиот премиер Борис Џонсон и германската канцеларка Ангела Меркел.
Шефот на турската дипломатија истакна дека тој самиот остварил телефонски разговори со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров; министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео; министерот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Раб; министерот за надворешни работи на Катар, Шеик Мухамед бин Абдурахман ал Тани; министерот за надворешни работи на Пакистан, Шах Махмуд Курејши и со генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
Чавушоглу нагласи дека неговата земја секогаш ја преземала улогата на лидер во сите чекори кои се правеле за мирот.
„Во наредните денови заедно со другите земји ќе продолжиме да вложуваме напори за решавање на овој проблем и за намалување на тензиите. Како што знаеме, в среда во Истанбул доаѓа [рускиот претседател Владимир] Путин. Нашиот почитуван претседател со Путин ќе разговара на овие теми. Нашата заедничка загриженост е Ирак да не се претвори во бојно поле за други, трети земји. Тоа е голем ризик за Ирак и за нашиот регион. Продолжуваат нашите контакти со Ирак. Во телефонскиот разговор забележавме дека и ирачкиот претседател Берхем Салих има иста загриженост“, додаде турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.