Ekipa
16 Октомври 2018•Ажурирај: 17 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Кудрет Озерсај, беа гости на симпозиумот организиран од страна на Факултетот за политички науки при Универзитетот „Анкара“ на тема „Правото и политиката во Источен Медитеран“, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во своето обраќање истакна дека Турција долги години вложува напори за решавање на кипарското прашање. Последниот обид од серијата беше минатата година, прво во Женева, а потоа и во Гранд Моната во јули, каде што и покрај сите напори, не е постигнато трајно решение. Чавушоглу потенцираше дека сета одговорност за тоа ја има грчката страна и продолжи со зборовите:
„Видовме дека грчката страна не е подготвена на заеднички живот со кипарските Турци и не е подготвена на подеднаков начин да ја дели економската и политичката моќ на островот.
Неуспешни беа и обидите околу преговорите за изнаоѓање решение со Планот на Анан со формирање федерална заедница, базирана врз политичка еднаквост на двата дела на островот. Како ќе започнеме нови преговори. За нас нема никаква смисла седнување на заедничка маса, само за да започнат одново преговорите. Потребно е тоа да има некаков резултат. Потребно е првенствено, на многу добар начин, заедно со сите страни да го дефинираме она за што ќе се преговара“.
Министерот Чавушоглу потенцираше дека по прашањето на Кипар, нема да дозволат еднострани активности, истакнувајќи дека со ефикасни чекори веќе се во ситуација да ги заштитат правата на турскиот народ на Кипар.
Чавушоглу рече: „Од една страна ќе вршиме сондажа во ексклузивната економска зона на Турција. Од друга страна, на покана на ТРСК, во морето што е под надлежност на ТРСК и во ексклузивната економска зона, т.е. околу островот ќе продолжат овие сондажи. Не сакаме расправии со никого, само рамноправна распределба на ресурсите“.
Турскиот шеф на дипломатијата, Чавушоглу, истакна дека ниту Турција, ниту ТРСК и турскиот народ на Кипар, никому нема да му ги отстапат правата што ги имаат во Медитеранот.