Fatih Hafız Mehmet
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
БУДИМПЕШТA (АА) - Туркискиот совет денеска отвори канцеларија во Будимпешта, на чие свечено отворање присуствуваа високи дипломати од многу туркиски држави, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на отворањето на Канцеларијата, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека тоа е горд настан за заедницата на нации од туркиското јазично подрачје.
„За една деценија од своето формирање, Туркискиот совет го покажа своето значење како една ефективна меѓународна организација и ова семејство расте“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека областите како економијата, трговијата, информациските технологии, логистиката, како и дијаспората и образованието, ги зближува туркиските држави.
На отворањето говореше и унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој рече дека Унгарија секогаш работела на соработка помеѓу Истокот и Западот.
На отворањето присуствуваа казахстанскиот шеф на дипломатијата, Мухтар Тлеуберди, азербејџанскиот министер Елмар Мамадјаров, киргистанскиот министер Џингис Аидарбеков и генералниот секретар на Туркискиот совет, Багдад Амрејев.
Туркискиот совет е формиран во 2009 година како меѓувладина организација насочена кон промовирање на сеопфатна соработка меѓу земјите од туркиското говорно подрачје.
Негови земји основачи се Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Турција, а Унгарија доби статус на набљудувач во 2018 година.
Минатата недела Чавушоглу соопшти дека Узбекистан аплицирал за членство во Туркискиот совет, а дека Туркменистан изразил желба да биде земја набљудувач.