Halil Şahin,Sebahatdin Zeyrek
29 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
ДЕНИЗЛИ (АА) ‒ Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека развиените и другите земји сега очекуваат решение од Туркије и претседателот Реџеп Таип Ердоган кога постои проблем, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу престојуваше во западниот турски град Денизли и зборувајќи за глобалните проблеми, рече дека милиони луѓе низ светот се свртуваат кон Туркије.
„Во минатото угнетените се свртуваа кон Туркије. Сега најразвиените земји во светот се свртуваат кон Туркије. Доколку постои проблем, а има многу проблеми во нашиот регион, 60 отсто од конфликтите се во наша географија. Сега сите велат ’Туркије ќе го реши тоа, ќе го реши тоа Реџеп Таип Ердоган’“, истакна Чавушоглу.
Тој потсети дека за време на кризата со жито, која го зафати целиот свет, под водство на претседателот Ердоган е потпишан договор благодарение на кој светот се спаси од прехранбената криза.
„Затоа, очите на сите земји во светот, без разлика дали се богати или сиромашни, се вперени кон Туркије“, нагласи Чавушоглу и продолжи:
„Денес, исто така, сите очи и уши се насочени кон Туркије, како во задоволувањето на потребите за електрична енергија на земјите од Источна Европа и балканските земји, така и во испораката на гасот произведен во Азербејџан на тие пазари и на земјите во енергетска криза. Затоа, нашата одговорност е голема.“