Aykut Karadağ
29 Септември 2022•Ажурирај: 30 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Безбедносните сили на Туркије приведоа 8 од вкупно 9 осомничени поврзани со терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се наведува дека Одделот за борба против тероризам во турскиот град Кајсери извршил акција против припадниците на ФЕТО за кои е утврдено дека престојувале во т.н. „Куќи на ФЕТО“.
Станува збор за двајца полицајци суспендирани од служба, еден суспендиран воспитувач, тројца вработени во приватниот сектор и уште тројца припадници на „воените структури“ на ФЕТО.
Во претресите од утринава приведени се осуммина осомничени, а по едно лице сѐ уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Туркије официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, со местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на земјата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, следбениците на ФЕТО во правосудството на Туркије со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските власти. Во обидот за пуч во Туркије загинаа 251 лице, а ранети беа 2.734 лица.