Турција

Чавушоглу: Меѓународната заедница треба да достави хуманитарна помош до авганистанскиот народ

„Многу добро ги знаеме условите во Авганистан. Катар ги знае подобро од кој било друг. Одблизу знаеме колку напор вложи Катар за осигурување на мирот и постигнување договор во Авганистан...“

Nazlı Yüzbaşıoğlu, Fuat Kabakcı  | 06.12.2021 - Обновена : 07.12.2021
Чавушоглу: Меѓународната заедница треба да достави хуманитарна помош до авганистанскиот народ

ДОХА/КАТАР - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истана дека авганистанскиот народ има потреба од хуманитарна помош, нагласувајќи дека меѓународната заедница треба истата да ја достави, јавува Агенција Анадолија (АА).

Чавушоглу во рамки на посетата на Доха се состана со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Катар, шеикот Мухамед бин Абдурахман ал Тани, а по состанокот одржаа заедничка прес-конференција.

„Со Катар имаме посебни и одлични односи“, рече Чавушоглу, говорејќи за билатералните односи.

Шефот на турската дипломатија нагласи дека на средбата ги разгледале документите што се подготвени да се потпишат меѓу двете земји, како и дека го следеле спроведувањето на претходно потпишаните документи.

Тој рече дека продлабочена е соработката меѓу Турција и Катар во областите како одбрана, економија, образование, култура и здравство.

Според него, со братската и пријателска земја Катар се согласуваат во регионалните прашања.

„Многу добро ги знаеме условите во Авганистан. Катар ги знае подобро од кој било друг. Одблизу знаеме колку напор вложи Катар за осигурување на мирот и постигнување договор во Авганистан. Но во моменталните услови, авганистанскиот народ има сериозна потреба од хуманитарна помош. Независно од политичките мотиви, меѓународната заедница треба оваа хуманитарна помош да ја достави до авганистанскиот народ. Сензитивноста покажана од страна на Катар и Турција треба да биде пример во оваа насока. На оваа тема ќе се осврнеме и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка што ќе се одржи по две недели во Исламабад“, истакна тој.

Укажувајќи на соработката на Катар и Турција во Авганистан, Чавушоглу рече дека турската Црвена полумесечина и катарската Црвена полумесечина на терен активно доставуваат помош до авганистанскиот народ, и дека двете земјите работат координативно за доставување хуманитарна помош.

„Разговараме за тоа што можеме да направиме заедно со Катар за аеродромот во Авганистан да остане отворен, и за тоа дали можеме заеднички да го менаџираме. Се согласуваме меѓу нас за ова прашање, ќе дејствуваме заеднички. Но и со талибанците треба добро да се преговара за овие прашања. Исто и талибанците треба да имаат јасен став во оваа насока со цел да можеме со Катар да придонесеме во Авганистан во оваа насока. Како што гледаме, нашата соработка со братската земја Катар продолжува во различни области, од хуманитарната до економската состојба, па сè до прашањето за аеродромот“, додаде шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.