Hanife Sevinç,Kaan Bozdoğan
06 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција се залага за зачувување на единството, солидарноста и унапредување на односите со сите држави на Персискиот Залив, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во пресрет на неговата дводневна официјална посета на Катар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се надевам дека напредокот постигнат во нашите билатерални односи со Катар во текот на последните години ќе биде продолжен на продуктивен начин и во иднина“, изјави Ердоган на прес-конференцијата на Аеродромот „Ататурк“ пред заминувањето за Доха, каде што ќе присуствува на 7. Состанок на Високиот стратешки совет на Турција и Катар.
Тој порача дека Турција настојува да ги унапреди односите со земјите во регионот на Заливот.
„Освен со Катар се обидуваме да ја подобриме нашата соработка и со другите држави во Заливот. Ги поздравуваме дипломатските односи за повторното отворање на вратата на дијалогот во регионот на Заливот и решавање на недоразбирањата“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека Турција се залага за продолжување и унапредување на заедништвото, солидарноста и идните односи со заливските земји. Нагласи дека Турција и Катар имаат многу добри економски односи.
„Работите во Катар доверени на турските претприемачи изнесуваат околу 15 милијарди долари“, изјави турскиот претседател.
Тој додаде дека Турција досега со Катар постигнала голем број договори за билатерална соработка.
„Со Катар досега потпишавме вкупно 69 политички, воени, економски и документи од областа на културата“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Турција и Катар се две земји кои останале особено цврсти во својот став во соочувањето со регионалните предизвици во последните години.
Двете земји во последните години значително ги продлабочија воените и економските врски.
Шестиот состанок на Високиот стратешки совет на Турција и Катар се одржа во 2020 година во Анкара, главниот град на Турција.