Mehmet Şah Yılmaz
11 Март 2022•Ажурирај: 12 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Дипломатскиот форум во Анталија (ADF) нуди интелектуална средина не само за турската дипломатија, туку и за регионалната и светската дипломатија, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи го главното мото на Форумот „Мислете заедно, дејствувајте заедно“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Чавушоглу говореше на отворањето на Дипломатскиот форум во Анталија (ADF), кое се одржа во Конгресниот центар НЕСТ во Анталија, каде што Агенција Анадолија (AA) е глобален комуникациски партнер.
Чавушоглу во својот говор истакна дека денеска во оваа сала се собрани учесници од 75 земји, меѓу кои 17 шефови на држави и влади, 80 министри и 39 претставници на меѓународни организации.
Наведувајќи дека Дипломатскиот форум во Анталија е производ на концептот на „претприемничка и хумана надворешна политика“, предводена од претседателот Реџеп Тајип Ердоган, рече:
„Дипломатскиот форум во Анталија нуди интелектуална средина не само за турската дипломатија, туку и за регионалната и светската дипломатија. Идејата „Мислете заедно, дејствувајте заедно“ го одразува главното мото на Форумот. На Форумот се собрани учесници од 75 земји, меѓу кои 17 шефови на држави и влади, 80 министри и 39 претставници на меѓународни организации. Повеќе од една третина од државите во светот, а околу 40 отсто од нив се претставени овде на највисоко ниво.“
„Овде нѐ здружува потрагата по поправеден свет и нашето дипломатско барање на глобален поредок во служба на правото, просперитетот и мирот“, рече министерот Чавушоглу, потсетувајќи дека претседателот Ердоган на Генералното собрание на ОН во 2017 година предвиде дека се соочуваме со закана да се најдеме „во нов бран на хаос и прогон“.
Истакнувајќи дека Европа повторно бара сидро за системска стабилност, Чавушоглу рече: „Дали ќе треба да се бориме со ризикот од колапс на постколонијалниот поредок низ светот во следните години? Ова би било катастрофа. Институциите и механизмите не можат да ги дадат вистинските одговори на потребите. На пример, конфликтите не можат да се спречат, а на конфликтите што се започнати не може да им се стави крај.“
Меѓу другото, Мевлут Чавушоглу во своето излагање на Форумот истакна дека технолошките иновации и дигитализацијата се на полн гас, но дека секој не може подеднакво да има корист од тоа и дека постои „дигитален јаз“.
Посочувајќи дека нееднаквостите во светот се сѐ подлабоки, Чавушоглу нагласи:
„Потребата да се решат новите тензии, да се управува со промените, да се олесни хармонијата и да се поттикне соработката е очигледна. Диригирање на оркестар составен од многу засегнати страни, како што се граѓанското општество, светот на бизнисот, поединци, јавни институции и правење симфонија од различни инструменти се можности и предизвици на дипломатијата.“
Нагласувајќи ја потребата од употребата на нов јазик и разбирање, министерот Чавушоглу истакна дека е неопходно да се пренесуваат пораките на најубедлив начин со дигиталните можности и дека истовремено е потребно спротивставување на дезинформациите.
„Дипломатијата е основниот инструмент за ажурирање на мултилатералните институции, зајакнување на меѓународното право, заживување на договорите и прописите и ефективната соработка.“