Hatice Özdemir Tosun
20 Јуни 2021•Ажурирај: 21 Јуни 2021
АНТАЛИЈА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Грција треба да се откаже од провокациите и провокативните чекори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу говореше по повод затворањето на Дипломатскиот самит во Анталија (ADF), чиј глобален комуникациски партнер е Агенција Анадолија.
Одговарајќи на новинарски прашања, Чавушоглу говореше и за тоа на кое ниво се односите меѓу Турција и Грција, а во таа пригода рече дека дијалогот помеѓу двете земји го започнале по напнатостите на Егејското Море и Источниот Медитеран.
Објаснувајќи дека се продолжени консултациите помеѓу земјите и дека се водат разговори за градење на довербата, Чавушоглу рече:
„Дојде грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас. Јас одев таму. Претседателот Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се состанаа во Брисел. Состанокот помина во позитивно опкружување. Дали сите проблеми се решени? Не. Овие состаноци ја покажуваат нашата решителност своите проблеми да ги решиме со дијалог. Се надевам дека таа решителност и искреност ќе продолжи од двете страни. Грција мора да се откаже од провокации.“
Шефот на турската дипломатија ја повика Грција да се придржува до меѓународните договори.
„Постои џентлменски договор во текот на летната туристичка сезона да не одржуваат вежби на Егејското Море. Грција сега прогласува НАВТЕКС. Имавме договор да не правиме НАВТЕКС и вежби ниту во време на празниците. Грција и тоа го прекрши. Грција мора да се откаже од провокациите, провокативните чекори. Знам дека се обидуваат да го задоволат сопствениот народ, бидејќи врз нив е голем притисок. Дијалогот што го почнавме сакаме да го претвориме во конкретни чекори. Искрени сме и решителни“, заклучи Чавушоглу.
Говорејќи за туризмот, Чавушоглу рече дека Турција му дала на светот пример со мерките што ги презела во однос на здравиот туризам и со своите постапки на издавање сертификати за безбеден туризам.
„И покрај епидемијата, минатата година во Турција дојдоа повеќе од два милиони руски туристи. Претходната година дојдоа околу седум милиони руски туристи. Оваа година гледаме дека два милиони повеќе руски туристи сакаат да дојдат. Турција е адресата со која руските туристи се најзадоволни“, порача Чавушоглу.
Нагласи дека ќе продолжи да соработува во областа на безбедниот туризам не само со Русија, туку и со другите земји.