?kipa
07 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
САКАРЈА (АА) - Заменик-премиерот на Република Турција, Фикри Ишик, изјави дека одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за прекин на соработката со терористите на ЈПГ/ПКК во Сирија донесе брза стабилизација на ситуацијата во регионот и зајакнување на турско-американските односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за телевизискиот канал „Хабертурк“, Ишик рече дека и на САД им е сосема јасно дека ПЈД/ЈПП е сириски огранок на терористичката организација ПКК.
Потсетувајќи дека Американската разузнавачка служба во извештајот на Конгресот објави дека има силни врски меѓу ПЈД и ПКК, Ишик рече дека е невозможно да се игнорира ова предупредување во Вашингтон.
„Се чини дека случајот со Мунбич, сепак е посебен. Ова е случај кој започна со влегувањето на терористите на ДЕАШ во овој град, а од почетокот ни е ветувано дека ПЈД/ЈПГ ќе бидат отстранети од регионот“, рече Ишик.
Ишик, исто така рече дека САД направија голема грешка при изборот кога за партнер во Сирија ја избраа организацијата со која директно управуваат водачите на терористичката група ПКК.
„Тоа всушност е стратегија што беше развиена за време на администрацијата на Барак Обама. САД ја сфатија направената грешка“, рече Фикри.
Нагласувајќи дека САД треба итно да усвојат стратегија, за во регионот да нема за партнери терористички организации, Ишик рече дека сè потоа ќе биде лесно решливо, а ситуацијата во регионот ќе биде значително стабилизирана.
„Најголемата пречка во турско-американските односи е тоа што САД не го третираат како терористичка организација сирискиот огранок на терористичката ПКК против кој ние водиме борба. Се надеваме дека САД ќе донесат одлука и ќе речат дека терористите не им се партнери и дека со нив ќе престане каква било соработка. Ќе има голема промена во нашите односи“, рече Ишик.
Заменик-премиерот на Република Турција, Фикри Ишик, ја коментираше актуелната антитерористичка операција на турските сили во северниот дел на Ирак, кој е познат како колевка на терористичката ПКК, и изјави дека Турција во борбата против тероризмот од дефанзивен премина во офанзивен гард.
„Една од основните стратегии која Турција ја развиваше е секоја терористичка закана да биде уништена на нејзиниот извор, во гнездото. Без оглед на тоа кој што ќе каже, ние сметаме дека е наше легитимно право да спроведуваме операции секаде од каде што ни доаѓаат терористички закани“, порача Ишик.
Потсетувајќи дека САД прогласија дека терористичката закана доаѓа од авганистанските ридови и дека таму спроведе и спроведува обемни воени операции, Ишик рече дека Турција има легитимно право со операции да ја уништи колевката на терористичката организација која е закана за Турција веќе четири децении.
„Завршивме успешни антитерористички операции во Африн, пред нив операцијата „Штитот на Еуфрат“, а потоа и операциите на Синџар. Сега нашите сили делуваат во Кандил во северен Ирак. Турција дејствува проактивно, и се разбира, ние не можеме да откриеме детали, но несомнено Кандил веќе нема да биде место каде што терористите на ПКК ќе дејствуваат слободно. Нема сомнение дека во регионот нема да има ниту едно безбедно место за терористите“, заклучи Ишик.