ИСТАНБУЛ (АА) - Предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција ќе се одржат на 24 јуни, а денес се отворени гласачките места на граничните премини и во дипломатските претставништва во кои гласа турската дијспора, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласачките места на истанбулските аеродроми „Ататурк“ и „Себиха Ѓокчен“ се отворени утринава во осум часот по локално време и сите турски државјани што живеат во странство ќе можат тука да гласаат сè до 24 јуни.
Гласачки места се исто така отворени и на граничните премини „Капикуле“ и „Ипсала“ во Едрене и на преминот „Дерекој“ во Киркларели.
„Среќна сум што можев да гласам меѓу првите. Многу ја сакам својата татковина“, изјави Сухејла Кара, која на патот од Белгија до Коња беше прв гласач што утринава гласаше на граничниот премин „Капикуле“.
Повеќе од три милиони регистрирани гласачи во дијаспората имаат право на глас на претседателските и парламентарните избори во Турција во кои учествуваат шест претседателски кандидати и осум политички партии.
Турските државјани што живеат во Германија, Австрија и Франција од утринава можат да гласаат на гласачките места кои се отворени во турските дипломатски мисии и другите места во овие земји.
Гласачките места се отворени во турските конзуларни претставништва во Германија, и тоа во Берлин, Келн, Минхен, Хановер, Хамбург, Нирнберг, Карлсруе, Франкфурт, Есен, Мунстер, Диселдорф, Штутгарт и Мајнц, а гласачите што живеат во Австрија можат да гласат во конзуларните претставништва на Турција во Виена, Брегенц и Салцбург.
Турците што живеат во Франција гласаат на гласачките места во Бордо, Лион, Марсеј, Нант, Париз и Стразбур.
Турските гласачи во овие три земји можат да гласаат на најблиските гласачки места од 9 до 21 часот во период до 19 јуни и тоа без претходна регистрација којашто беше задолжителна на претходните изборни циклуси.
Во Германија се регистрирани 1.445.000 турски гласачи со право на глас, а во Австрија и Франција има 105.000 односно 330.000.
По завршувањето на гласачкиот процес сите гласачки ливчиња од странство ќе бидат пренесени со авионите на „Туркиш ерлајнс“ во Анкара и ќе се бројат по затворањето на гласачките места во Турција кое е најавено за 17 часот (на 24 јуни).
Според податоците на Врховната изборна комисија на Турција (YSK) во странство се регистрирани 3.049.065 гласачи кои ќе можат да гласаат на гласачките места во 123 дипломатски мисии на Турција во вкупно 60 држави.
Новитети на овие избори се гласачките места во Малта, Србија и Молдавија, а турската дијаспора ќе има право на глас и во евентуалниот втор круг на претседателски избори што ќе биде одржан доколку во првиот круг ниту еден кандидат не освои повеќе од половина од мнозинството гласови.
Турската дијаспора во Данска ќе гласа од 9 до 19 јуни, а турските гласачи во Австралија од 9 до 17 јуни. Во Норвешка гласачките места ќе бидат отворени во период од 14 до 19 јуни, во Белгија, Холандија и Швајцарија од 15 до 19 јуни, во Велика Британија од 16 до 19 јуни, во Канада, Бугарија и во Турската Република Северен Кипар од 16 до 18 јуни, во Македонија, БиХ, Кина, Русија, Романија, Саудиска Арабија, Грција, Либан, Израел и Украина од 16 до 17 јуни.
Турските гласачи во Азербејџан, Ирак, Иран, Ирска, Шпанија, Египет, Малта, Узбекистан и Србија ќе гласаат на 17 јуни.
Предвремените парламентарни и претседателски избори во Турција ќе се одржат на 24 јуни. За влез во Парламентот на оваа земја се борат осум политички партии и 68 независни кандидати.
За првпат на избори во Турција, политичките партии ќе настапат здружени и во алијанси. Владејачката АК Партија на изборите ќе настапи во состав на Народната алијанса во која е и досегашната опозициска Партија на национално движење (MHP). Најсилната опозициска Народна републиканска партија (CHP) влезе во Националната алијанса во која се и новоформираната Партија IYI, партијата Саадет и Демократската партија.
Паралелно со парламентарните, во Турција на 24 јуни ќе се одржат и претседателски избори.
Вкупно шест кандидати учествуваат во изборната трка за претседател на Турција, а покрај актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, учествуваат и Мухарем Инџе, Мерал Акшенер, Селахатин Демирташ, Темел Карамолаоглу и Догу Перинчек.
Претстојниот изборен процес е важен поради фактот што Турција по изборите преминува од парламентарен во претседателски систем на управување.
Согласно уставните измени се укинува позицијата премиер, а извршната власт по изборите ја презема претседателот на државата. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во Парламентот, со тоа што Парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратеници.
Претседателот на државата и Парламентот се бираат на мандат од пет години.