Fatih Erel
04 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Фестивалот на етноспорт и култура во Истанбул со голема посетеност продолжува и денеска. Илјадници луѓе се собраа да ги проследат натпреварите во традиционалните спортови, јавува Anadolu Agency (AA).
„Фестивалот на етноспортови и култура ќе се одржи во истиот период и следната година, но фестивалот ќе го организираме во мај во наредните 30 години, почнувајќи од 2021 година“, истакна претседателот на Светската конфедерација на етноспортови, Билал Ердоган, за АА.
„Придаваме особено значење на зачувувањето на традиционалните спортови“, рече Ердоган.
Во организација на Светската конфедерација на етноспортови, годинава фестивалот се одржува по четврти пат со учество на претставници од 16 земји, меѓу кои и земјата гостин Аргентина.
На отворањето вчера, на фестивалот се приклучија и фудбалските sвезди Радамел Фалкао од Галатасарај, и Емре Белозоглу и Ведат Муриќи од Фенербахче, кои се испробаа во стрелаштво.
„Претходно немам стрелано со стрела. Возбудливо. Спортот не е само натпревар, туку е и обединувачки фактор“, изјави напаѓачот на Фенербахче, Муриќи.
Фестивалот ќе трае до 6 октомври.
Речиси 1.000 спортисти се натпреваруваат на фестивалот во 12 традиционални спортови, меѓу кои стрелаштво, пеливанство, борење со ремени, фрлање џилит, манкала и коњичко стрелаштво.
Натпреварувањето во пеливанство ќе трае четири дена, а пријавени се вкупно 300 натпреварувачи.
Четвртиот Фестивал на етноспорт и култура, исто така, ќе претстави и низа традиционални кујни од 16 земји од светот.
Покрај различните спортови, на фестивалот учество ќе земат и деца, и тоа во 40 традиционални детски игри, а ќе бидат организирани и 60 работилници на рачни изработки.
Претседателот на Светската конфедерација на етноспортови изјави и дека се планира изградба на постојан објект за одржување на Светските номадски игри.
Светските номадски игри се одржуваат од 2014 година, а вклучуваат традиционални спортови како борење, лов со орли и јавање.