Handan Kazancı
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
БУРСА (АА) - Познатиот турски скијачки центар Улудаг, во северозападниот дел на земјата, ги привлекува љубителите на зимата цели 50 години, пишува Anadolu Agency (AA).
Некогаш омиленото место за филмските работници, подрачјето со хотели на Улудаг, кое постојано се реновира, се наоѓа на само 40 километри од центарот на Бурса, најблискиот град.

Во Улудаг, каде што снегот останува доволно длабоко за да овозможи скијање четири месеци во годината, има вкупно 17 хотели со капацитет од над 6.000 легла.
Улудаг има 20 скијачки патеки во должина од 300 па сѐ до 1.980 метри. Во зимската сезона 2016/2017, во Улудаг престојувале над 70.000 посетители, од кои 5.000 странски туристи.
Покрај скијањето, туристите можат да скијаат на даска (сноубординг), а Улудаг нуди можности и за љубителите на уметничкото лизгање. За посетителите се организираат и тури низ подрачјето со велосипеди за снег.
Мехмет Халук Беџерен, претседател на Асоцијацијата на сопственици на хотели ГУМТОБ (GUMTOB) со седиште во Бурса, за АА истакна дека Улудаг е најголемото скијачко одморалиште во Турција.
„Ова е најблиското скијачко одморалиште до Истанбул, а откога е изграден Мостот Османгази, до Улудаг може да се стигне за само три часа возење“, рече Беџерен
Тој додаде дека благодарение на мостот, има огромно зголемување на бројот на дневни посетители на Улудаг.
Долгиот пат од најнаселениот град во Турција, Истанбул, до Улудаг сега е намален на три часа благодарение на Мостот Османгази, четвртиот најдолг висечки мост во светот, кој лежи на јужните брегови од Мраморното Море.