Sibel Uğurlu,Cansu Dikme,Merve Aydoğan,Kübra Chohan
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Израел и САД се единствени земји кои ги поддржуваат протестите во Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавите кои ги даде денес за време на состанокот со медиумските претставници во Анкара, Чавушоглу зборуваше за светските лидери кои ги поддржуваат протестите во Иран.
Тој се осврна на две лица кои отворено ги поддржуваат немирите во Иран.
„Еден од нив е изралескиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а другиот е американскиот претседател Доналд Трамп“, истакна Чавушоглу.
Тој изјави дека Турција секогаш била против таквиот вид надворешно мешање и додаде дека сите останати земји, освен земјите на Нетанјаху и Трамп, се претпазливи во однос на протестите во Иран.
Тој нагласи дека тековните протести во Иран се внатрешно прашање на соседната земја.
„Ситуацијата претставува внатрешно прашање на Иран. Но, стабилноста (на Иран) е исто така важна за нејзините соседи. Значајна е за сите нас“
„Ние сакаме да се стави крај на ваквите конфликти во Иран и веднаш да се врати стабилноста“, нагласи Чавушоглу.
Незадоволни од економската ситуација во Иран, демонстрантите во градот Мешхед започнаа со протести во четвртокот кои потоа брзо добија антивладин карактер и се проширија и во другите градови низ земја.
- Да се стави крај на двојните стандарди -
Досега во нередите на улиците на иранските градови загинаа најмалку 23 лица, а приведени се најмалку 500 лица.
Турскиот шеф на дипломатијата изјави дека неговиот ирански колега, Џавад Зариф, го известил во врска со ситуацијата во Иран за која рекол дека и не била толку лоша.
Тој потсети дека Зариф кажал оти Техеран има внимателен став кон демонстрантите, но нагласил дека имало и неколку групи со оружје и молотови коктели што придонело одредени цивили и припадници на безбедносните сили во текот на протестите да ги изгубат своите животи во престрелките.
Чавушоглу исто така нагласи дека секоја промена во Иран треба да помине низ избори.
„Значи, ако треба да има промени во владата, иранскиот народ би можел да направи да се случи тоа на следните избори“, рече Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни работи истакна дека земјите што го критикуваат Иран треба да бидат искрени и да се воздржат од двојни стандарди.
Чавушолу ги критикуваше двојните стандарди на одредени земји во однос на протестите во Иран и го наведе примерот за тоа како некои земји ја дале целата своја поддршка за воениот пуч во Египет.
„Има пофалба за нив (Египет) во другите земји, а има критики против Иран и режимот, како и надворешната интервенција“, рече тој.
„Наша желба е итно да се стави крај на ваквиот процес. Ние сметаме дека изјавите на иранскиот претседател, Хасан Рохани се позитивни“, изјави Чавушоглу.
Во врска со повикот на американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, упатен денес на состанокот на Советот за безбедност при ОН во врска со протестите во Иран, Чавушоглу изјави дека САД го довеле ова на меѓународната сцена бидејќи тие строго се противат на иранската администрација.