Ekipa
05 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамките на истрагата за смртта на саудискиот новинар Џамал Кашоги, Обвинителството во Истанбул побара апсење на двајца саудиски официјални претставници за кои се верува дека се поврзани во убиството на новинарот, јавува Anadolu Agency (AA).
Судот во Истанбул го разгледа барањето на Обвинителството и издаде налог за апсење на поранешниот потпретседател на Саудиската разузнавачка служба, Ахмед ал Асири, и на Сауд ал Кахтани, поранешен советник на саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман.
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Саудиските власти неколкупати го променија својот исказ за убиството, прво негирајќи дека се случило, потоа истакнаа дека тоа било несреќна околност, за на крајот да го наречат подла операција.