Diyar Güldoğan
04 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турција ќе продолжи да ги зајакнува односите со земјите од Латинска Америка и на Карибите, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе продолжиме да ги унапредуваме нашите билатерални и мултилатерални односи со земјите од регионот на Латинска Америка и Карибите кои имаат важно место во нашата политика на отворање“, истакна Ердоган пред новинарите во главниот град Анкара.
Ердоган, по завршувањето на неговата официјална посета на Аргентина, Парагвај и Венецуела, рече дека за време на Самитот на Г20 во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, било дискутирано за глобалната трговија, инфраструктурните инвестиции, современиот даночен систем, новите ризици и ранливоста на финансискиот систем, како и за борбата против тероризмот.
„Во текот на нашите билатерални состаноци, на нашата агенда често беше и прашањето за Џамал Кашоги“, рече Ердоган.
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Саудиските власти неколкупати го променија својот исказ за убиството, прво негирајќи дека се случило, потоа истакнаа дека тоа било несреќна околност за на крајот да го наречат подла операција.
Ердоган, по состанокот на Г-20 истакна дека првата претседателска посета на Парагвај и Венецуела претставувала чест за него.
„Верувам дека појасно ќе ги видиме позитивните ефекти од нашите средби за односите со Парагвај и Венецуела во наредниот период“, додаде тој.