Soner Kılınç
28 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
УШАК (АА) - СОНЕР КИЛИНЧ -
Пензионираниот инженер Мехмет Фати (66) од Турција и неговата 40-годишна ќерка Фејза Јилдиз дипломираат во ист ден на ист факултет, пишува Anadolu Agency (AA).
Свечената промоција на дипломираните студенти на Факултетот за исламски науки на Универзитетот во Ушак се одржа во Конгресниот и културен центар „Реџеп Таип Ердоган“.
На церемонијата присуствуваа Фејза Јилдиз и нејзиниот татко Мехмет Фати, кој на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Еге“ дипломирал во 1978 година.
Фати низа години работел во јавните институции по што заминал во пензија. И покрај поодминатите години, желбата за учење кај него секогаш била присутна.
„Мојата ќерка, мајка на две деца, е домаќинка. Сакавме заедно да студираме на Факултетот за исламски науки. На факултетот се запишавме пред четири години“, рече Фати.
Тој додаде дека со ќерка си заедно студирале на ист отсек, но во различни групи.
„Иако одделно одевме на предавања, на факултет секогаш бевме заедно. Навистина сум среќен што имав можност да студирам со мојата ќерка. Денес сме среќни што дипломиравме“, рече Фати.
Тој истакна дека студирањето со колегите кои се многу помлади од него, било интересно искуство.
„Многу научив од нив. Се надевам дека и тие научија по нешто и од мене. Настојував да присуствувам на сите предавања. Тоа беа убави денови за мене. Им благодарам на сите професори и колеги што ми пружаа поддршка“, порача Фати.
Тој на церемонијата одржа и говор и ги повика студентите многу да работат, да му служат на исламскиот свет и на целото човештво.
Фејза Јилдиз рече дека таа и татко ѝ често учеле заедно и се подготвувале за испитите.