İlhami Erkılıç
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ЕРЗУРУМ (АА) - Граѓаните на Ерзурум, град во источниот дел на Турција, вчера одржаа протестен марш за осуда на терористичкиот напад изведен во Шемдинли, во покраината Хакќари, југоисточниот дел на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Многу граѓани се собраа на градскиот плоштад „Хавусбаши“ и со знамиња во рацете извикуваа слогани за осуда на тероризмот.
Тие го започнаа собирот со едноминутно молчење за загинатите, по што е интонирана турската национална химна.
Претседателот на Партијата за национално движење (MHP) во Ерзурум, Наим Караташ, рече дека партијата го осудува овој напад и дека со жалење е дочекана веста за загинувањето на турските војници и цивили.
Караташ потсети дека речиси секој ден доаѓаат вести за загинати во напади, а говореше и за единството на турскиот народ коешто можеше да се види на 15. јули, денот кога воените лица лојални на терористичка организација ФЕТО се обидоа да извршат државен удар.
„Во борбата против тероризмот нема поделба. И ПКК и ФЕТО се терористички организации. Но, за жал, можеме да видиме дека борбата против ПКК не се вреднува исто како борбата против другите терористички организации“, рече Караташ, кој додаде дека ја поддржува борбата на државата против тероризмот.
Потсетуваме, во самоубиствен напад на терористичката организација ПКК врз станицата на жандармеријата во Шемдинли загинаа десет војници и осум цивили, а беа ранети 27 лица.