Huseyin Demir
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за економија, Нихат Зејбекчи, во Истанбул изјави дека се состанал со рускиот министер за економски развој, Алексеј Уљукаев, со кој е договорено формирање на заеднички турско-руски инвестициски фонд, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот одржан во хотелот „Конрад“, потпишана е заедничка декларација за основање на турско-рускиот инвестициски фонд.
Според зборовите на Зејбекчи, заедничкиот фонд ќе има почетен капитал од милијарда долари, односно Рускиот и Турскиот инвестициски фонд во првата етапа ќе вложат по 500 милиони долари, а доколку биде потребно, во фондот ќе бидат додадени уште средства.
Турскиот министер потсети дека односите меѓу Турција и Русија по 25 ноември 2015 година, денот кога е соборен рускиот авион, поминувале низ одреден негативен процес, но дека тоа е променето по позитивните сигнали на лидерите на двете земји.
Во последните три месеци, турската и руската страна се состанаа четирипати.
„Продолжуваме да се состануваме за да ги отстраниме проблемите и за да го надоместиме тоа што не можевме да се состануваме. Следи состанок на нашите лидери, ќе се разговара повторно на одредени теми“, изјави Зејбекчи, кој додаде дека дошле до важна точка кога станува збор за среднорочната програма меѓу Турција и Русија за наредните четири години.
Турскиот министер за економија, Зејкбекчи додаде дека програмата е подготвена за потпишување.
Според него, постојат одредени проблеми меѓу двете земји, но верува дека тие во краток временски рок ќе бидат решени.
Рускиот министер за економски развој, Уљукаев, изјави дека се работи на многу полиња со цел да се нормализираат трговските и економските односи. Уљукаев смета дека основањето на заедничкиот фонд ќе биде добро средство за приватниот сектор.
„Имаме сериозни проекти на полето на енергетиката, можат тоа да бидат и проекти во секторот на земјоделството, производството на машини, трговијата“, изјави рускиот министер.