Sinan Balcıkoca
17 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, утре свечено ќе го отвори мостот „Чанаккале 1915“, а станува збор за уште еден во низата турски мегапроекти, чија изградба започна со положување камен темелник на 18 март 2017 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мостот „Чанаккале 1915“ официјално ќе биде отворен на Денот на сеќавањето на шехидите и 107. годишнина од поморската победа во Чанаккале, која се одбележува на 18 март.
Поморската победа кај Чанаккале, во Европа позната како Битката на Галиполе, е една од најкрвавите и најжестоките битки во Првата светска војна, но по многу показатели и воопшто во историјата.
Мостот „Чанаккале 1915“ најверојатно поради импозантниот изглед наречен е „Ѓердан на теснецот Чанаккале“, а на градилиштата на азиската и европската страна на теснецот, покрај службениците на Генералната дирекција за автопати при Министерството за сообраќај и инфраструктура на Турција ангажирани беа околу 5.100 работници и 740 градежни машини.
За сообраќај ќе биде пуштен и автопатот Малкара-Чанаккале кој е граден во рамките на проектот за Автопатот Кинали-Текирдаг-Чанаккале-Саваштепе. Станува збор за изградена делница со вкупна должина од 101 километар.
Направени се сите потребни подготовки за отворање на мостот и автопатот, еден од бројните големи проекти во Турција, кој ќе го поврзува Истанбул со Чанаккале, а потоа и со северниот дел на Егејскиот Регион. Исто така, во рамките на уредувањето на околината во тоа подрачје засадени се вкупно 516.863 садници.
Новоизградениот автопат и мост „Чанаккале 1915“ ќе бидат интегрирани во постоечката копнена, поморска и воздушна транспортна мрежа во Мраморниот и Егејскиот Регион кои се меѓу најразвиените турски региони и во кои живее и работи значителен број од населението на Турција.
На врвовите на четирите челични кули поставени се фигури од топовски топки од кои секоја е тешка 75 тона и висока 20,5 метри. Станува збор за фигури кои ја симболизираат топовската муниција која во текот на Битката на Галиполе славниот турски борец Сејит Онбаши ја носел на грбот.
Должината на висечкиот мост на Теснецот Чанаккале достигнува 4.608 метри, а станува збор за најдолгиот мост од среден распон во светот. Благодарение на овој мост времето на патување помеѓу двата континента ќе се намали на шест минути.
Мостот „Чанаккале 1915“ се истакнува по своите инженерски решенија, а поради низата симболи кои ги има наречен е и „Мостот на симболите“.
За главниот кабел на мостот искористени се вкупно 162.000 километри жица, што би било доволно четирипати да се обвитка Земјата. Исто така, во изградбата на мостот потрошени се 227.000 кубни метри бетон, со што на пример може да се изгради населба за 25.000 жители, со вкупно 5.900 станови од по 100 квадрати.
Мостот е проектиран така што оддалеченоста помеѓу неговите столбови е 2.023 метри, што ја симболизира годината кога Турција ја одбележува јубилејната стогодишнина од основањето на Републиката. Исто така, неговите челични кули од 318 метри го симболизираат 18 март 1915 година, кога е извојувана поморската победа во Чанаккале.