Erbil Başay,Cüneyt Karadağ
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
БЕРЛИН (AA) - Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, во својот говор во Бундестагот рече дека на Самитот на лидерите на ЕУ ќе се разговара за односите ЕУ - Турција и за ситуацијата на Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Посочувајќи дека има многу конфликти околу Европа, како што се во Северна Африка, Сирија и Украина, Меркел рече: „Во исто време, знаеме дека развојот и просперитетот на ЕУ е возможен само со добри односи со нашите соседи надвор од ЕУ. Ова е особено важно за мултилатералните односи со Турција, членка на НАТО.“
Меркел истакна дека Жозеп Борел, високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на ЕУ, подготвил извештај за овие мултилатерални односи.
Давајќи оценка за развојот на настаните на Источниот Медитеран, Меркел нагласи:
„Пред сѐ, добра вест е тоа што Турција даде сигнал за намалување на напнатоста во Источниот Медитеран и повторно започна дијалог со Грција, по провокативните активности во Кипар и грчките води во последните месеци. Разговорите 5 + 1 за иднината на Кипар ќе продолжат под администрација на Обединетите нации.“
Меркел, истакнувајќи дека на претходниот Самит на ЕУ донесена е одлука за опции за заедничка соработка доколку Турција ја намали напнатоста, истакна: „Сега, на овој самит ќе разговараме како ќе се реализира тоа. Тоа нема да бидат лесни разговори. Сепак, се надевам дека ќе донесеме заклучок. Турција не е само партнер и сојузник на НАТО, таа е директен сосед на ЕУ и како втора најнаселена земја надвор од границите на ЕУ има и стратешко значење.“
Наведувајќи дека во Германија со години живеат голем број Турци, Меркел рече: „Ние, Германците, имаме особено блиски односи со Турција.“
Од друга страна, Меркел, истакнувајќи дека треба да се разгледа и внатрешната политика на Турција, рече дека сакаат во Турција да се почитуваат стандардите за владеење на правото, а дека повлекувањето од Истанбулската конвенција е тажен сигнал.
Потенцирајќи дека не е од интерес да се има молк во односите, Меркел рече: „Затоа, ќе разговараме за започнување на дијалог на високо ниво меѓу Турција и ЕУ. Имаме заеднички интереси, вклучувајќи ги и тешкотиите со миграцијата. Ова можеме да го решиме со Турција.“
Меркел исто така истакна дека во тие рамки договорот постигнат пред пет години треба да се подобри.
Потсетувајќи дека има критики против договорот, Меркел истакна дека согласно со тој договор спречена е трговијата со луѓе и дека помошта стигнува директно на оние на кои им е потребна.
- Производството на вакцини во Европа -
Нагласувајќи ја потребата за независно производство на вакцини против коронавирусот (Ковид-19) во Европа, Меркел рече: „Важно е да се обезбеди производство на европско тло. Велика Британија произведува за Велика Британија, САД не извезуваат вакцини. Поради тоа, производството во Европа е важно на долг рок.“
Повикувајќи на снабдување на светот со вакцини колку што има потреба, Меркел рече: „Ако ова не биде успешно, секогаш ќе се соочуваме со нови мутации на вирусот.“