АНКАРА (АА) - Кога се споменуваат туризмот и Турција заедно, на ум првин доаѓаат безбројните плажи и античките локалитети во земјата, но таа е дом и на една од најдолгите пешачки патеки во светот - Ликискиот пат.
Ликискиот пат, именуван по античката цивилизација на Ликија, има должина од 540 километри долж медитеранскиот брег од областа Мугла до јужна Анталија.
Со својата голема должина, на прв поглед може да изгледа застрашувачки, но трекерите, вљубениците во пешачењето, имаат опција да тргнат од различни делови на античката патека и да уживаат во пократките патеки.
Оние кои го прифаќаат предизвикот да ја завршат целата должина на рутата, ќе ги искусат карпестиот, планински терен, напуштените и диви плажи, густите шуми, високите врвови и ќе се сретнат со античките урнатини.
Со цел да се спречи авантуристите да залутаат, карпите и камењата долж патеката се обележани со црвени и бели ленти.
Долж патеката има голем број извори за да се спречи дехидрацијата на авантуристите.
Но сепак, мора да се носат и нешта со кои трекерите би си го олесниле патувањето и би си го направиле поинтересно, како на пример шатор, вреќа за спиење, патики за пешачење, термос за вода, мал кујнски прибор, пешкир, комплет за прва помош, ќебе и очила за сонце.
Бариш Дајиоглу и Улаш Озгун, кои растојанието од 130 километри на патеката го минаа за две недели, за Anadolu Agency ги споделија своите искуства од пешачењето.
Дајиоглу (31) истакна дека патувањето го натерало да сфати колку го изгубил допирот со природата, бидејќи целиот свој живот го минал во урбаните средини, а секогаш барал можност да избега од градот.
„Тоа беше огромно искуство. Искуство коешто никогаш нема да го заборавам“, рече тој.
„Оставањето на сите извори на стрес зад себе и фокусирањето само на тоа каде да спијам, беше одлично. Беше прекрасно чувството дека сме слободни од сите наши секојдневни или професионални обврски.“
Дајиоглу, кој работи како преведувач, рече дека му било тешко да се адаптира на неговиот „стар живот“ кога го завршил своето големо патешествие, и кога се вратил во главниот град Анкара, каде што и работи.
„Живеењето во шатор што го искусив покрај патеката беше навистина исклучително. Со нетрпение очекувам да посетам повеќе места од тој историски и живописен предел“, рече тој.
„Имав само две недели да уживам во оваа авантура, но со мојот пријател планираме да ја завршиме патеката за неколку години.“
Тој предупреди дека трекерите треба да се осигураат дека нивните ранци не им се премногу тешки, бидејќи тој жали што зел многу непотребни нешта што потоа му претставувале само товар на неговите рамења.
Озгун (30) рече дека навистина бил фасциниран од недопрената околина на Ликискиот пат и дека уживал во секоја минута од патешествието.
„Вие едноставно не можете да му одолеете на небото ноќе. Без извори на светлина наоколу, само на Млечниот Пат“, рече тој.
Нагласувајќи дека сака да биде подалеку од секојдневните обврски и хаосот на урбаниот живот, рече: „Кога сте таму не размислувате за сметките или за што било друго, туку само за вашиот опстанок и за природата.“
Озгун истакна дека не му било премногу тешко да помине 130 километри, бидејќи долж патеката имало извори на вода, а трекерите, во зависност од нивната избрана патека, можеле да добијат помош од локалните селани во одредени делови на патувањето.
„Дојдовме до момент кога сфативме дека не ни останаа повеќе пари, а се најдовме во едно од селата покрај кои минувавме. Откако му кажав на претставникот на селото за нашиот проблем, тој извади пари од џебот и рече дека можеме да ги вратиме откако ќе стигнеме дома“, раскажа Озгун.
Toj вели дека овој чин на великодушност ја одразува добрата волја на локалното население во регионот.
Двајцата авантуристи рекоа дека нивното патување имало и аспект на античката цивилизација, бидејќи имале привилегија да ги видат античките артефакти кои станале природен дел од пределот.
И Дајиоглу и Озгун упатија апел до турските власти за поголема промоција на патеката, со цел повеќе луѓе од целиот свет да можат да уживаат во незаборавната авантура што го нуди пешачењето по Ликиската патека.
Античка Ликија се состоела од федерација на градови наречена Ликиска Лига - прва позната демократска унија во историјата. Најголеми градови биле Ксантос, Патара, Мира, Пинара, Тиос и Олимпос.
Во Музејот на ликиските цивилизации во градот Демре, во областа Анталија, посетителите можат да ги видат артефактите и историските локалитети во подрачјето.
news_share_descriptionsubscription_contact
