Serdar Açıl,Barış Kılıç
28 Јуни 2019•Ажурирај: 30 Јуни 2019
АНКАРА (AA) – Во рамките на истрагата против елементите на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во Турските вооружени сили, Обвинителството издаде налог за лишување од слобода на вкупно 27 осомничени лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Анкара нареди приведување на 27 лица кои се обвинети за поврзаност со терористичката организација ФЕТО и директни контакти со позиционирани челници на таа терористичка група.
Станува збор за истрага за терористичките елементи инфилтрирани во Поморските сили на Турција. На списокот за приведување се и 11 активни офицери на турската морнарица и 16 претходно суспендирани.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција започна акција за приведување на осомничените во повеќе градови низ Турција.
Терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација што ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Членовите на оваа терористичка организација со години, преку местење на испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, во правосудството на Турција преку наместен процес поради наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во турската Војска, припадници на терористичката организација, започнаа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251 лице, а ранети се околу 2.200 лица.