Firdevs Yüksel
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Камен-темелникот за третиот реактор на турската нуклеарна електрана „Акују“ ќе биде поставен утре со пригодна церемонија на која преку видеоконференциски линк ќе присуствуваат турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега Владимир Путин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓувладиниот договор за нуклеарната електрана „Акују“, која во моментот е во изградба во јужната област Мерсин, беше потпишан меѓу Турција и Русија во мај 2010 година.
На 3 април 2018 година беше одржана церемонија по повод започнувањето на изградбата на првиот реактор. Камен-темелникот за вториот реактор на електраната беше поставен во април 2020 година.
Сè е подготвено за поставување на камен-темелникот на третиот реактор, по завршувањето на подготвителните работи за градба, за што лиценцата беше доделена во ноември 2020 година.
Бидејќи изградбата на електраната се одвива со полно темпо, во мај минатата година беше поднесено барање за дозвола за градба на четвртата и последна единица, со очекување дека ќе биде добиена оваа година.
Работата на првиот реактор на електраната се очекува да започне во 2023 година, кога земјата ќе ја прославува 100-годишнината од Републиката. Сите останати три реактори ќе започнат со работа до крајот на 2026 година.
Електраната, која ќе има четири реактори на напојување VVER-1200 по завршувањето, ќе има вкупна инсталирана моќност од 4800 мегавати и ќе има вкупен производствен капацитет од 35 милијарди киловати електрична енергија годишно кога ќе биде целосно пуштена во употреба.
Во проектот се очекува да бидат ангажирани околу 15.000 лица, додека околу 4.000 се очекува да бидат вработени кога електраната ќе започне со работа.
Електраната, која има проценет работен век од 60 години, со продолжување на уште 20, деноноќно ќе произведува енергија без емисии на јаглерод.
Исто така, ќе има водечка улога во намалувањето на зависноста од увезените енергетски ресурси, со планови да задоволи околу 10 отсто од потрошувачката на енергија во земјата.
Изградбата на првата турска нуклеарна централа „Акују“ е проект вреден над 20 милијарди долари.