Dilara Zengin Okay
24 Декември 2021•Ажурирај: 25 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Во Турција е замрзнат имотот на 770 терористи на ФЕТО/ПДЈ, ПКК/КЏК, на терористичките организации кои ја злоупотребуваат верата, и на левичарските терористички организации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за трезор и финансии на Република Турција ја објави одлуката во Службениот весник.
Во согласност со тоа, во Турција е замрзнат имотот на вкупно 770 терористи на ФЕТО/ПДЈ, ПКК/КЏК, на терористичките организации кои ја злоупотребуваат верата, и на левичарските терористички организации.
Меѓу 454 терористи на ФЕТО на кои им е замрзнат имотот се наоѓа и Адил Оксуз, кој беше еден од главните раководители на обидот за државен удар во Турција во јули 2016 година.
На листата се и пребегнатите терористи Адем Јавуз Арслан, Аталај Канделен, Џевхери Ѓувен, Фикрет Сечен, Осман Шимшек, Саид Сефа, Севги Акарчешме, Тарик Торос, Тунџај Опчин и Зекерија Оз.
Замрзнат е и имотот на Фондацијата „Ниагара“, поврзана со терористите на ФЕТО/ПДЈ.
Имотот на 108 терористи на ПКК/КЏК е исто така замрзнат, а на списокот е и Нуретин Демирташ, брат на поранешниот копретседател на Народната демократска партија (ХДП), Селахатин Демирташ.
Во Турција е замрзнат имотот и на 119 лица од организации кои ја злоупотребуваат верата, меѓу кои се Хезболах, ДЕАШ, Ал Каеда, Армијата Ал Кудс, Ал Нусра и други.
Запленет е имотот на 89 терористи на левичарски терористички организации, меѓу кои ДХКП/Џ, МКП, МЛКП, ТКП/МЛ, ДКП/БОГ и ДЕВ-КАР.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.